ЕУ договори за 300 милиони повеќе дозволи за тргување со емисии со цел заштита на индустријата од пазарни флуктуации
Преговарачите на Европската Унија постигнаа привремен договор со кој се предвидува зголемување на прагот на резервните емисиски дозволи во Системот на ЕУ за тргување со емисии (ЕТС), со цел да се постигне поголема стабилност и предвидливост на цената на јаглеродот, пренесе ДПА.
Привремениот договор, постигнат во преговорите меѓу Советот на ЕУ и Европскиот парламент, има цел „да се зголемат долгорочната ликвидност и предвидливоста на пазарот, истовремено заштитувајќи ја конкурентноста на индустријата“, се наведува во соопштението објавено денеска. Земјите членки на ЕУ и Европскиот парламент допрва треба формално и официјално да го одобрат договорот.
Според договорот, прагот над кој сите дозволи во резервата се поништуваат ќе биде зголемен од 400 милиони на 700 милиони. „Поголемиот број дозволи ќе ја зајакне долгорочната стабилност на пазарот на јаглерод во ЕУ и ќе обезбеди поголем заштитен механизам од идните пазарни флуктуации, а истовремено ќе претставува гаранција против прекумерна понуда на дозволи“, соопштија преговарачите.
Во изминатите години се создаде голем вишок на емисиски дозволи, бидејќи на компаниите им беа ставени на располагање повеќе сертификати отколку што тие искористија, па неискористените сертификати се префрлаат во Резервата за стабилност на пазарот (МСР), со цел да се зголеми понудата кога тоа е потребно.
Според системот за тргување со емисии, кој во моментов опфаќа околу 40 отсто од вкупните емисии во ЕУ, компаниите во сектори како производството на електрична енергија, индустриското производство и воздухопловството мора да купуваат дозволи за емисиите на стакленички гасови што ги испуштаат. Целта на одредувањето цена на јаглеродните емисии е да ги поттикне секторите со висока потрошувачка на енергија да ги намалат своите емисии. Иако овој систем е пофален како поттик за иновациите, тој во последно време се соочува со притисоци поради хронично високите цени на енергијата во ЕУ, кои дополнително се зголемија од почетокот на војната во Иран.