Како една од најголемите светски економии падна во должничка стапица
Францускиот парламент во вторник ја започнува расправата за буџетот за 2027 година, додека високите дефицити, растечкиот долг и студентските протести ја зголемуваат политичката цена на фискалната консолидација.
Според многу аналитичари на пазарот, втората по големина економија во еврозоната незапирливо се движи кон должничка криза и ризикува да го повлече целиот континент со себе, доколку не го намали својот национален дефицит на одржлив начин.
Иако илјадници луѓе излегуваат на улиците за да протестираат против долгогодишното недоволно финансирање на јавните услуги, особено на образованието, Франција речиси една деценија – под водство на претседателот Емануел Макрон – бележи еден од највисоките соодноси меѓу дефицитот и БДП во Европа.
Државните расходи остануваат значително повисоки во споредба со сличните економии во политички чувствителните области на социјална заштита, особено во пензискиот систем и здравството, додека слабиот економски раст не успеа да го надомести тоа.
Со оглед на претстојните претседателски избори следната година и неподготвеноста на пратениците за компромис, економската и политичката неизвесност во Франција вршат притисок врз вредноста на еврото.
Трошоците за задолжување на француската влада се искачија на највисокото ниво во речиси четврт век, бидејќи нервозните пазари на обврзници реагираа на неуспехот на земјата да спроведе фискална консолидација.
Зголемениот јаз меѓу приносите на француските обврзници и оние на германските отвори прашања за тоа дали Европската централна банка (ЕЦБ) ќе мора да го преземе скапиот и политички контроверзен чекор на интервенција за стабилизирање на пазарот. Иако тоа би можело да ја спречи паниката што би довела до распад на монетарната унија, искуството од кризата со државниот долг – која тешко ги погоди земјите како Грција, Ирска, Португалија, Шпанија и Италија – укажува на тоа дека ќе бидат потребни драстични мерки од страна на самата Франција.
„ЕЦБ нема да интервенира само за да ја ’спаси‘ Франција. Доколку настане европска криза, тие ќе интервенираат во некаква форма, но нема да спасуваат земја што не може самата да се спаси“, изјави преку е-пошта Антонио Фатас, професор по економија на деловната школа INSEAD.