Нема промена на цените на бензините и дизелот, поскапува мазутот


Фото: Независен

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за новите максимални малопродажни цени на нафтените деривати, кои ќе важат од 14 октомври од 00:01 часот. Иако просечното зголемување изнесува 0,87 отсто, цените на бензините, дизелот и екстра лесното масло остануваат непроменети.

Според одлуката на РКЕ, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по најмногу 98,50 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 по 100,50 денари, а ЕУРОДИЗЕЛ БС ќе чини 97 денари за литар. Цената на екстра лесното масло за домаќинство останува 108,50 денари за литар.

Промена има кај мазутот М-1 НС, чија цена се зголемува за 2,145 денари за килограм и ќе изнесува 51,742 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на светскиот пазар се намалиле кај бензините, дизелот и екстра лесното масло, додека кај мазутот е забележан раст. Врз пресметката влијаело и зголемувањето на курсот на денарот во однос на доларот за 1,2931 отсто.

При утврдувањето на цените се применети владините мерки за намален ДДВ од 10 отсто за ЕУРОДИЗЕЛ и намалена акциза од четири денари за литар кај бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и БС-98, како и кај дизелот.

Од Комисијата појаснуваат дека објавените цени се максимални, што значи дека трговците можат да ги продаваат горивата и по пониски цени. објави Скопје1.мк