ММФ предвидува забавување на македонската економија во 2027 година
Според прогнозите на ММФ, домашниот бруто-производ (БДП) на Македонија наредната 2027 година ќе забави на 3,2 отсто, што е намалување за 0,3 процентни поени во однос на годинава, но и во однос на минатата 2025 година кога растот на БДП исто така беше 3,5 отсто
Македонската економија годинава ќе порасне 3,5 отсто, покажуваат октомвриските прогнози на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објавени во извештајот „Светски економски преглед“ во очи на годишните средби на оваа финансиска институција и на Светска банка што ќе се одржат неделава во Банкок. Според прогнозите на ММФ, домашниот бруто-производ (БДП) на Македонија наредната 2027 година ќе забави на 3,2 отсто, што е намалување за 0,3 процентни поени во однос на годинава, но и во однос на минатата 2025 година кога растот на БДП исто така беше 3,5 отсто.
Според податоците објавени во прегледот, инфлацијата во Македонија ќе остане висока, за годинава се предвува стапка од 4 отсто (што е помалку за 0,1 процентен поен од лани кога беше 4.1 отсто), но за в година се предвидува зголемување на 4,5 отсто.
Невработеноста и натаму е една од највисоките во Европа – за годинава стапката на невработеност се предвидува на 11,5 отсто, исто како и лани, а за идната година да се намали на 11,4 отсто.
Прогнозите за Македонија, но и за сите земји членки на ММФ, се објавуваат во време кога глобалната економија се соочува со последиците од војната на Блискиот Исток и енергетскиот шок по затворањето на Ормускиот теснец. ММФ очекува светската економија да порасне за 3,1 процент оваа година, а за 3,4 проценти следната година. Еврозоната треба да расте со стапка од 1,1 процент, а земјите во развој од Европа со стапка од 1,7 проценти, се вели во извештајот.
Како стои Македонија во однос на другите земји од регионот?
ММФ очекува најбрз раст оваа година во Косово и Македонија, по 3,5 проценти. Потоа следуваат Србија со 3,3 проценти и Словенија со 3,2 проценти. Црна Гора е на петтото место со 3,0 проценти. Босна и Херцеговина треба да порасне за 2,3 проценти. Најбавен раст во регионот се очекува во Хрватска, за која ММФ ја намали својата прогноза на 2,2 проценти.
Во однос на европските земји, повисок раст се очекува во Малта (4,2 отсто), и Данска (3,7 отсто), додека во Полска тој ќе изнесува 3,4 отсто. Германија, македонскиот најзначаен трговски партнер годинава ќе има раст на БДП од 1,3 отсто, прогнозира ММФ.
Во 2027 година, најбрз раст во регионот се прогнозира да има Србија, чиј БДП треба да порасне за 4,0 проценти. По неа следат Косово со 3,6 проценти и Македонија со 3,2 проценти. Црна Гора би била четврта со 2,8 проценти. Зад неа се БиХ со 2,6 проценти, Хрватска со 2,3 проценти и Словенија со 2,2 проценти.
Од земјите во ЕУ, се предвидува раст од 3,7 отсто за Ирска, Малта (4 отсто), додека од поблиското соседствао Турција ќе има раст на БДП од 3,6 отсто.
Кога станува збор за инфлацијата, оваа година, Македонија со 4 отсто е во средината. Црна Гора е меѓу земјите со најнизок раст на цените во регионот. Пониска инфлација од 3,5 проценти се очекува само во Србија, 3,1 процент, додека Словенија има иста стапка како и Црна Гора. Поголем раст на цените се предвидува во Хрватска (4,5 проценти) и Босна и Херцеговина (5,0 проценти). Највисока инфлација се очекува во Косово, 6,8 проценти.
Она што загрижува е прогнозата за идната година. Според извештајот на ММФ, инфлацијата во Македонија идната година ќе изнесува 4,5 отсто, исто толку ќе има и Косово, додека другите земји од регионот ќе имаат пониска инфлација – во Црна Гора таа ќе биде 3,3 отсто, во Албанија 3,2 отсто, во БиХ 3,3 отсто, а во Србија исто така високи 4,2 отсто.
Македонија останува меѓу земјите во кои стапката на невработеност е највисока 11,5 отсто годинава и 11,4 отсто идната година. Полоша е состојбата во БиХ (12,2 отсто, додека за Косово и за Црна Гора нема податоци. Во Албанија стапката на невработеност е 8,7 отсто, во Србија е 8,6 за годинава и 8,5 отсто за идната година, во Хрватска 4,5 отсто односно 4,6 отсто соодветно, а во Словенија 3,9 односно 4 отсто.
Во однос на дефицитот во тековната сметка Македонија е во средината, со тоа што годинава сее прогнозира тој да изнесува минус 5,8 отсто штое полошо од минатогодишните минус 4,4 отсто, додека за наредната година се предвидува мало подобрување на минус 5,1 отсто.
Хрватска годинава ќе има дефицит на тековната сметка од минус 4,4 проценти, Србија минус 4,6 проценти, БиХ минус 4,9 проценти. Косово бележи дефицит од минус 9,3 проценти. Дефицитот на Црна Гора од минус 19,7 проценти од БДП е двојно поголем од оној на Косово и неколку пати поголем од дефицитите на другите земји. Словенија е единствената земја во регионот што бележи суфицит од 2,9 проценти од БДП.

Инаку ММФ благо ја зголеми прогнозата за растот на светската економија во 2026 година на 3,1 отсто, но предупреди дека растот ќе остане слаб, додека за влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на трудот оценката е дека ќе се шири како „бавно цунами“.
Фондот во јуни предвидуваше глобален раст од три отсто, додека светската економија во 2025 година оствари раст од 3,5 отсто. Во најновиот извештај се наведува дека американската економија ќе бележи стабилен раст од 2,3 отсто и во 2026 и во 2027 година.
ММФ сега очекува цените на нафтата во текот на годинава да се зголемат за речиси 41 отсто, на просечно 96 долари за барел, што би ја зголемило глобалната инфлација на 4,7 отсто во 2026 година, од 4,1 отсто минатата година.
Ажурираната прогноза беше објавена во пресрет на есенските состаноци на ММФ и Светската банка во Бангкок. Според извештајот, 32 земји сега сочинуваат 95 отсто од глобалниот раст, во споредба со 54 земји во април.