Во сплитското пристаниште потона патничкиот брод „Пломин“, се преземаат мерки за спречување на загадување на морето
Патничкиот брод „Пломин“ со должина од 26 метри, во сопственост на хрватско правно лице, потона утрово неколку минути по 8 часот додека бил на врзување во северното пристаниште во Сплит, по што надлежните власти веднаш презедоа итни мерки за спречување на можно загадување на морето и морската околина.
Дојавата за потонувањето на бродот била примена во Пристанишната капетанија Сплит утрово во 8:06 часот преку Пристанишната управа Сплит, соопшти Министерството за море, сообраќај и инфраструктура на Хрватска. Веднаш по дојавата, службениците на сплитската Капетанија пристигнаа на местото на несреќата, заедно со останатите итни служби.
Службениците на Пристанишната капетанија Сплит вршат увид и ги утврдуваат сите околности и причини за потонувањето, додека Пристанишната управа Сплит презеде превентивни мерки за да се спречи какво било ширење на загадувањето, наведуваат од ресорното министерство.