Филипче: Европската иднина на Македонија е заедничка национална задача

Македонија припаѓа во Европа со својот јазик, идентитет и антифашистичко наследство, порача лидерот на СДСМ на маршот „Непокор. Борба. Иднина“ во Прилеп


Македонија има свое место во Европа со својот јазик, идентитет и антифашистичко наследство, а европската иднина е заедничка национална задача што треба да обезбеди подобар живот и можности за младите во сопствената држава, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на маршот „Непокор. Борба. Иднина“ во Прилеп, по повод 85 години од Народното востание и Антифашистичката борба.
„Македонија има свое место во Европа со својот македонски јазик, со својот идентитет и со своето антифашистичко наследство“, истакна Филипче.
Тој нагласи дека европската перспектива е продолжување на историската обврска да се чува, развива и зајакнува македонската држава. Осврнувајќи се на Илинден, АСНОМ, независноста и членството во НАТО, Филипче посочи дека секоја генерација има свој придонес и своја одговорност во таа борба.
 
„Пред 85 години нашите предци се бореа да имаме своја држава. Нашата генерација мора да се избори децата да останат да живеат тука, дома. И тоа е нашата историска задача“, порача Филипче.
 
Претседателот на СДСМ предупреди дека празните училишни клупи се аларм за иднината на Македонија и дека иселувањето на младите не смее да се прифати како нормалност.
 
„Не прифаќаме една цела генерација да поверува дека за неа нема место во сопствената татковина“, нагласи Филипче.
 
Обраќајќи им се на младите, тој порача дека нивната денешна битка е битката за иднината и дека СДСМ е тука да ја води заедно со нив. Европските можности за секое младо момче и девојка во Македонија ги постави како следна голема заедничка национална задача.
Филипче истакна дека европската интеграција треба да биде конкретна национална цел околу која ќе се обединат сите сили во општеството.
 
„Европската интеграција не е проект на СДСМ. Не е проект на една влада, не е проект на една генерација. Тоа е децениски македонски стремеж за подобра иднина, за слободна, праведна и европска Македонија. За држава во која секој човек ќе има достоинство и иднина“, порача Филипче.
 
Оддавајќи почит на борците од Народноослободителната борба, тој нагласи дека чувањето на нивниот аманет подразбира одговорност Македонија да се изгради како успешна европска држава, со слобода, правда и достоинствен живот за граѓаните.
 
„Патриотизам е тоа како луѓето живеат денес и што ќе им оставиме на децата утре. И тоа е мерката за успешната политика“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

 

Тој истакна дека Борбата за Македонија денес е борба за подобар живот, достоинството на граѓаните и за држава што ќе се грижи за работниците, земјоделците, наставниците, лекарите, младите и пензионерите.

Филипче истакна дека граѓаните заслужуваат држава што ќе стои зад нивниот труд и ќе им обезбеди услови за достоинствен живот, наместо да ги остава сами да се справуваат со проблемите.

„Борбата за Македонија денеска е борба за работниците, за подобар стандард, за подобар живот, за наставниците, за лекарите, за земјоделците, за младите, за пензионерите. Борбата за Македонија денес е борба за земјоделците и овде во Прилепско. Добро се знае колку пот, грижа и неизвесност има во земјоделскиот труд. Тутунарите и сите што ја обработуваат земјата заслужуваат држава што стои покрај нив, а не како што се денес понижени, обесправени и маргинализирани“, рече Филипче.

Филипче  порача дека државата ја покажува својата сила преку грижата за граѓаните, достапното здравство, доброто образование, сигурноста на работниците и достоинството на пензионерите.

„Верувам дека државата ја покажува својата сила преку грижата за граѓаните, преку достапното здравство, доброто образование, сигурноста на работникот и достоинството на пензионерот“, истакна Филипче.

Филипче нагласи дека политиката мора да биде во служба на луѓето и нивните потреби, а не на личните интереси на оние што се на власт. Тој порача дека обврската на СДСМ е да се бори за Македонија во која трудот ќе се почитува, земјоделците ќе имаат поддршка, а секој граѓанин ќе може да живее достоинствено.

Зборувајќи пред присутните тој рече дека антифашизмот е нашиот темел, борбата за слободна и праведна Македонија е наша обврска. Во своето обраќање, Филипче истакна дека СДСМ е наследник на државотворните политики и антифашистичките вредности на партизаните, кои пред 85 години ја започнаа борбата за слободата и македонската државност, соопштија од партијата.
 
„Ние Социјалдемократскиот сојуз сме наследниците на државотворните политики на нашите предци партизаните, на вредносните политики на антифашистичката борба. И затоа денес кога сме соочени со криминална власт која што нè пљачка, нè изолира, повторно имаме историска улога да се бориме за слобода, за правда и за вистина. Повторно да се покаже пркос, да ѝ се спротивставиме на неправдата, да ѝ се спротивставиме на криминалната банда на власт и да ја вратиме државата во служба на народот“, рече Филипче.
 
Тој нагласи дека историската борба за слобода денес продолжува преку демократска борба против криминалот, корупцијата, неправдата и политиките на власта кои го поткопуваат достоинството на граѓаните.
 

„Таа улога, таа борба бара храброст, истрајност и одговорност. Ние ја имаме храброста, ја имаме решителноста, а народот е нашата сила. Нашата денешна борба ја водиме со демократски средства, со вистината, со јавниот збор, во Собранието и со гласот на граѓаните“, рече Филипче.
 
Претседателот на СДСМ посочи дека 11 Октомври не е само датум за одбележување, туку потсетник на огромната жртва на борците кои ја извојуваа слободата и ја поставија основата за создавањето на современата македонска држава.
 
 
„Покрај сите наши славни историски датуми, треба да признаеме дека партизаните ја извојуваа најголемата и единствената победа која доведе до првата современа национална држава. Кога ја славиме победата, лесно ја забораваме неизвесноста пред првиот чекор. Лесно е да се биде храбар во говор, осумдесет и пет години подоцна. Во октомври 1941 година, храброста се мерела со тоа дали ќе излезеш од дома, знаејќи дека можеби последен пат ја затвораш вратата зад себе“, рече Филипче.
Филипче истакна дека антифашистичката борба и победата во Народноослободителната војна се нераскинлив дел од македонската државност, од Илинден, АСНОМ до независноста, а обврската на денешните генерации е да го продолжат тој историски пат.