ЈП „Паркови и зеленило“ ќе ги обнови двете градски цвеќарници во Скопје, најави градоначалникот Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска најави дека по долгогодишна запуштеност и пропаѓање повторно се ставаат во функција цвеќарниците на ЈП „Паркови и зеленило“ – „Роза“ на булеварот „Илинден“, наспроти фонтаната „Лотос“ и цвеќарницата кај Министерството за економија.

– Скопје ги памети местата во кои започнуваа убавите моменти. Градските цвеќарници беа дел од тие спомени, таму младенците ги избираа букетите за својот најважен ден, се купуваше цвеќе за честитки, за благодарност и за радост во нечиј дом. Мали места со големо значење за многу генерации скопјани. Токму затоа, повторно ги ставаме во функција. Веќе течат активностите за нивна темелна реконструкција, за повторно да станат уредни, пријатни и достапни катчиња за сите граѓани. Имаме обврска да се грижиме за она што го наследивме, да му дадеме нова вредност и да го оставиме со гордост на генерациите што доаѓаат. Секој обновен простор е уште еден зачуван дел од нашиот град – објави скопскиот градоначалник на социјалните мрежи.

Градоначалникот Ѓорѓиевски посочува дека цвеќето и услугите ќе бидат понудени по максимално пристапни и фер цени, затоа што убавиот гест треба да биде достапен за секого.