За ЛДП вториот ребаланс на Буџетот не е никаква навремена заштита на граѓаните, туку признание за фискален хаос


Фото: Б. Грданоски

Политичката партија ЛДП денеска преку соопштение го коментира новиот ребаланс на Буџот оценувајќи дека „вториот ребаланс на буџетот не е никаква ‘навремена заштита на граѓаните’, туку официјално признание за фискален хаос, расипништво и тотална неспособност“.

„Додека Премиерот ги убедуваше граѓаните дека буџетот се прекројува исклучиво поради намалените акцизи за горивата, Министерката ги разобличи овие невистини. Дупката од 86 милиони евра и кратењето на расходите не се резултат на заштеди, туку на тотален колапс на капиталните инвестиции“, велаљт од ЛДП.

Од партијата додаваат дека со ребалансот излегле на виделина „поразителни факти“, при што ги посочуваат кратењата во Буџетот кои на прес конференција ги објави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска како 30 милиони евра од Министерството за енергетика — точно во секторот каде што беа најпотребни инвестиции за енергетска стабилност; скратени се над 24 милиони евра за животна средина — поради неспособност да се искористат европските ИПА фондови, што е скандалозно за влада која декларативно се колне во ЕУ, а според ЛДП закочени се сите клучни проекти — пропаднаа тендери, одложена е дигитализацијата на Трезорот.

„Помпезно најавуваниот почеток на градба на брзата пруга до Солун и Белград за септември 2026 остана уште една неисполнета бајка. Сите имаме добра меморија“, се вели во сооптението, во кое се додава и дека Владата тотално ги игнорира реалните потреби на граѓаните и наместо итно да направи сеча на непродуктивните трошоци — на измислените функции, непотребните заменички позиции, преплатените управни одбори, луксузните кабинети и советничките армии — таа скрати од развојот на државата. Истовремено, скришум ја задолжи државата за нови 150 милиони евра со висока камата од 5,25% само за да плаќа стари камати и главници!

„За дебаклот да биде комплетен, Министерката веќе најавува дека во декември веројатно ќе има ТРЕТ ребаланс! Ова е крунски доказ дека во оваа Влада нема ниту план, ниту стратегија, ниту минимална фискална дисциплина“, велат од ЛДП.