Во Апелација недостигаат 16 судии, а од предвидени 32 поротници има само седум


Фото: Б. Грданоски

Вршителот на должност претседател на Апелациониот суд Скопје, Зоран Герасимоски изјави дека судот се соочува со сериозен недостиг на судии, судска администрација и судии-поротници, но оцени дека тоа нема да влијае врз неговата ефикасност. 

На денешниот брифинг со новинарите, Герасимоски посочи дека според систематизацијата во Апелациониот суд Скопје треба да работат 51 судија и претседател на судот, додека во моментов судиската функција ја извршуваат само 35 судии. 

-Во овој момент, судиската функција во Апелациониот суд Скопје ја вршат само 35 судии. Проблемот со недостигот на судски кадар се провлекува подолг период – рече тој. 

Герасимоски додаде дека од предвидени 245 работни места во судската служба, пополнети се 101, а иако за 2026 година се одобрени 10 нови вработувања, нивната реализација сè уште е во тек.

Дополнителен проблем, според него, е недостигот на судии-поротници. Потенцира дека од предвидени 32 места, во моментов се пополнети само седум.

-Надоместокот е утврден уште во 2018 година и истиот не е променет, што значи дека износот од 570 денари на дневна основа е премногу мал и моментално има само седум поротници – изјави Герасимоски. 

Сепак, тој оцени дека и покрај кадровските предизвици, судот ќе продолжи да работи ажурно.

-Јас сметам дека и со оваа бројка на судии и со оваа администрација, како што е и во овој момент, Апелациониот суд Скопје ќе остане ажурен суд – нагласи Герасимоски. 

Во однос на прашањето за спречување на корупцијата во судството, тој истакна дека ќе се почитува презумпцијата на невиност во случаите кои се водат пред надлежните судови и дека доколку се појават сомнежи за корупција, ќе бидат преземени соодветни мерки преку надлежните институции. 

-За корупција дека има во судот – не знам. Тоа и самите кажавте, односно судијата Ѓоко Ристов ќе ја почитувам презумпцијата на невиност, до конечно завршување на случајот којшто се води пред Основниот суд Скопје 1 Скопје. Така што, доколку такви случаи се појават, дојдат до мене како в.д. претседател на овој суд, нормално ќе се преземаат соодветни мерки преку соодветните институции да се делува веднаш – нагласи в.д. претседателот на судот.

Прашан за очекувањата околу изборот за претседател на судот, Герасимоски рече дека очекува да биде избран и оцени дека Судскиот совет ги надминал дилемите поврзани со неговото кандидирање.

-Јас очекувам да бидам избран. По однос на изборот за в.д. претседател се споменуваше некое бодување. Во законот стои само дека треба да си позитивно оценет. А во тој период кога се вршело бодувањето, јас бев член на Судскиот совет, а бодувањето се врши мислам дека на 3 години. Јас бев тогаш само позитивно оценет, како и колешката којашто исто така конкурира, и сметам дека тие некои неразбирања Судскиот совет на последната седница ги надмина и како колективен орган одлучи по однос на тие пречки коишто ги кажувате дека нема пречки за моето конкурирање – истакна в.д. претседателот на Апелациониот суд, Герасимоски.