„Тапан на пат“- нова поетска книга на Олга Панкина, промотор на македонската култура во Русија
Во издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје, деновиве излезе од печат поетската книга „Тапан на пат“ од Олга Панкина, позната македонистка и преведувачка, поетеса, сликарка, популаризатор на македонската култура во Русија, раководител на Македонскиот културен центар во Москва.
Ова е петта поетска книга на Олга Панкина која со своите естетски вредности претставува впечатлив творечки влог во дијалогот со македонската книжевност и значи своевидно збогатување на современата македонска поезија. Во својата рецензија д-р Владимир Мартиновски, меѓу другото, подвлекува дека „славењето на поетската креативност преку паралелите со патувачките искуства во поезијата на Панкина е органски поврзано со идејата за уметникот како патник. Општо земено, животот во оваа поезија е сфатен како движење и патување. Следејќи ги непрекинатите преобразби на водата во природата, поетесата низ топосот на вечното патување ни го доловува и животот како пат без крај.“
Олга Панкина пишува поезиjа и кратка проза на руски и на македонски jазик. Автор на поетските збирки: “Предзимје”, “Паралелни светови”, “Плисок”, “Меѓусебна потрага”, и збирка раскази “Сината птица”. Од областа на македонистиката автор е на над 80 научни реферати и статии. Ги објавила книгите есеи “Размислувања за литературата” и “Македонската книжевност низ призма на преводот”. Автор е на преводите на 82 посебни книги од македонски писатели, како и на преводите на творби (поетски, прозни, драмски, критичко-есеистички) од 300 македонски писатели презентирани во рамките на антологиски избори, панорами и одделни објави. Панкина е добитник на голем број награди и признанија: медал “Державин”, “Кристално перо”; медал “Чехов”, Златна диплома од Меѓународниот форум на словенските култури “Златен витез”, медал “Грибоедов”, “Jугра”, “Златен витез”, лауреат на литературните конкурси “Степска лира”, “Jасна Полjана”, државна награда медал “Пушкин” (Русиjа); “Арт Глобал” (Хрватска); “Златно перо”, “Григор Прличев”, медал “Блаже Конески”, “Гоцевата мисла”, “Арт Феникс”, “Почесно Рациново признание”, “Sвезден македониум”, државна награда Медал за заслуги за Македониjа, “Лингва”, “Ацо Караманов” и други.