Темелно се чистат Камениот мост и плоштадот ,,Македонија”


Фото: Б. Грданоски

Плоштадот „Македонија“ и Камениот мост се лицето на нашиот град, па затоа денеска, темелно се чистат од графити, насобрана нечистотија и од написи.

– Во тек е темелно чистење на Камениот мост и плоштадот „Македонија“. Се отстрануваат натписите, графитите и насобраната нечистотија, со употреба на специјално средство и чистење под притисок, за овие простори повторно да го добијат својот уреден и достоинствен изглед.
Дополнително, привршуваат активностите за архитектонско осветлување на Камениот мост и за повторно пуштање во употреба на подната фонтана, која со години беше оставена да пропаѓа. Светлината и водата повторно ќе внесат живот и убавина во срцето на градот – информира скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

Смета дека тука се среќаваат генерации, се пречекуваат гости и се создаваат спомени што остануваат за цел живот. Токму оттука многубројни туристи ја понесуваат својата прва слика за Скопје како град со душа, историја и препознатливо место на светската туристичка мапа.
Затоа, овие симболи заслужуваат постојана грижа и внимание.
Скопје заслужува да биде чисто, уредено и гордо на своите обележја, а сите ние имаме обврска да го чуваме она што ни припаѓа заеднички, додава тој.