„Амазон“ вложува над милијарда долари за да го намали влијанието на своите дата-центри врз струјата и водата во САД


Одделот за облак услуги на „Амазон“ денеска соопшти дека во следните пет години ќе инвестира повеќе од една милијарда долари во заедниците во САД каде што компанијата има центри за податоци, ветувајќи дека ќе работи на намалување на нивното влијание врз потрошувачката на електрична енергија и вода.

„Амазон веб сервисис“ (AWS) соопшти дека инвестициите објавени денеска ќе опфатат средства за образование, обука за работни места, достапност на енергијата, заштита на водните и енергетските ресурси и други локални приоритети во делови од САД каде што компанијата има дата центри.

Податочните центри, кои ја обезбедуваат компјутерската моќ потребна за обучување и работење на модели на вештачка интелигенција, наидоа на отпор во заедниците низ САД поради загриженоста за побарувачката на електрична енергија, трошоците за комунални услуги и други локални последици. Овој отпор претставува и политички предизвик за републиканците во пресрет на изборите за Конгресот во САД на 3 ноември.

Компанијата во опширното соопштение се обиде да ги отфрли критиките поврзани со влијанието на податочните центри врз животната средина, енергетиката и економијата, наведувајќи дека низ земјата во моментот се разгледуваат повеќе од 100 мораториуми на изградба на нови дата центри.

– Постои итност во проширувањето на дата центрите, бидејќи ние не сме единствената земја што ги согледува придобивките од вештачката интелигенција за економијата и националната безбедност, а земјите што ќе предводат во вештачката интелигенција ќе ја обликуваат и ќе извлечат најголема корист од неа – изјави извршниот директор на AWS, Мет Гарман.

AWS, исто така, се обврза до 2030 година да постигне позитивен воден биланс во сите свои центри за податоци, односно да враќа во заедниците повеќе вода отколку што користи. Од компанијата наведуваат дека досега оствариле 75 отсто од оваа цел.

Одделот на „Амазон“ посочи дека од 2011 до 2025 година инвестирал 276 милијарди долари во центри за податоци и дека во повеќе сојузни држави, меѓу кои Индијана, Луизијана, Северна Каролина, Вирџинија и Мисисипи, има големи проекти или нивно проширување во тек.