Истражување на ИСППИ: Хуманата комуникација е најважен концепт за менталното здравје и за превенирање врсничко насилство


 Ако доволно ја развиеме и ја поттикнуваме кај децата хуманата комуникација, ќе успееме да постигнеме ментално здравје зашто таа значи психолошка оттпорност и резилентност на стрес. Се работи за здрава психолошка особина која овозможува да се  справуваме со предизвиците, а кај децата е важна како превенција на врсничкото насилство.

Ова  е еден од заклучоците на научноистражувачкиот проект „Хумана комуникација кај младите: аспекти, фактори и креативни начини на нејзино развивање“ на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) – Скопје, кој се фокусира на компонентите на хуманата комуникација и факторите што влијаат врз нејзиното развивање, како и можностите за нејзина примена и унапредување, особено кај децата на возраст од 11 до 14 години. Проектот е сè уште во фаза на реализација, а денеска беа претставени првичните наоди.

Раководителката на проектот, проф. д-р Елеонора Серафимовска, истакна дека хуманата комуникација е комплексен поим во кој централно место има емпатијата, но опфаќа и почит и самопочит, решавање  конфликти, помагање, општествена одговорност, креативна комуникација – сето тоа како предуслов за квалитетни меѓучовечки односи, социјална кохезија и општа благосостојба.

Во истражувањето биле опфатени 657 ученици од шесто до деветто одделение, пред сè, од општините во Скопје, а понатаму проектот ќе се прошири и во други општини. Во рамки на проектот 175 ученици биле обучувани преку работилници за хумана комуникација, а обучени биле и 27 училишни психолози за работа со деца, заедно со 10 фокус групи – пет со родители и пет со наставници за и тие да дадат предлози како да се развие хуманата комуникација. Бил изработен инструмент којшто, според Серафимовска, прилично би можел да ја мери хуманата комуникација, а од проектот ќе има и прирачник со работилници како таа да се развива.

Децата опфатени со проектот биле тестирани со прашања за тоа како соработуваат, дали знаат што мисли и како се чувствува другарчето, дали кога му треба помош му помагаат, како би изреагирале во одредена ситуација итн.  Според Серафимовска, се работи за вештина која луѓето вродено ја имаат, но треба да се негува и поттикнува. Како што рече, не е нешто што се учи како тема, туку се вежба. 

-Бидејќи на когнитивно ниво вие ќе научите нешто, меѓутоа она низ коешто се развива емпатијата, соработката, е само низ вежба, низ работилници итн. Она што докажавме е дека хуманата комуникација корелира позитивно со емоционалната интелигенција, со отпорноста на стрес, со психолошка резилентност т.е. она што сите психолози настојуваме да го постигнеме – менталното здравје. Хуманата комуникација ја сметаме како најважен концепт за менталното здравје, за градење  психолошка отпорност, како и превенција на врсничко насилство. Не одиме кон тоа дека треба да се воведува посебен предмет за хумана комуникација, туку нашата идеја е сите тие аспекти на хумана комуникација преку наставните содржини во сите предмети да влезат во училиштата, особено во основните, рече раководителката на проектот.

Овој проект на ИСППИ е меѓу проектите што Министерството за образование и наука  ги финансираше во 2025 година преку Конкурсот за финансирање на научноистражувачки проекти на државните универзитети – факултети и научни институти и во МАНУ.

На презентацијата на прелиминарните резултати се обрати и државниот секретар во МОН, Елена Ивановска, која посочи дека овој проект е еден од 50-те  поддржани лани од МОН за коишто, рече, беше наманет вкупен буџет од над 6 милиони евра, со цел стимулирање на научно-истражувачката дејност во земјава.

-Проектот се спроведува во вистинско време, кога врсничкото насилство е голем општествен предизвик. Оваа негативна појава не е во подем по бројноста на сторените дела, туку по степенот на бруталноста која ја покажуваат дел од младите и апатијата која ја покажува друг дел од младата популација. Истражувањето ќе даде теоретски одговори на одредени аспекти на комплексниот предизвик. Но, резултатите ќе имаат вистинско значење само доколку помогнат да се развијат пристапи што ќе може да се применуваат во реалниот образовен контекст, а јас верувам дека ќе биде така, рече Ивановска.

Работата на тимот што го реализира проектот ја поздрави и ректорката на УКИМ Биљана Ангелова, која рече дека иако на прв поглед се работи за тема што ни е блиска и секојдневна, хуманата комуникација станува сè посложена и позначајна во современото општество. 

-Прашањето веќе не е како комуницираме туку и како да комуницираме поодговорно, поемпатично и похумано. Токму затоа сметам дека темата има особена научна и општествена релевантност. Посебна вредност на проектот гледам во неговата интердисциплинарност – прашањето за тоа како комуницираме не припаѓа само на една научна област, тоа ги поврзува комуникациските науки, психологијата, социологијата, педагогијата, медиумските студии и други области. Токму ваквото поврзување на знаењата е една од суштинските вредности на современата наука,  рече ректорката Ангелова и додаде дека  уште една вредност на проектот е што ги вклучува и самите ученици во истражувањето.