Боно откри за политичката загриженост на Ед Ширан додека ја создавале песната за Украина
Додека Ед Ширан продолжува да се соочува со критики поради тоа што Меклемор беше отстранет од неговата турнеја откако јавно ја поддржа Палестина и Газа за време на настап, во дискусијата сега се вклучи и Боно. Во новото интервју за „Ролингsтоун УК“ (Rolling Stone UK), фронтменот на „У2“ изјави дека не сака премногу да се задржува на таа ситуација, но истакна дека Ширан бил воздржан околу навлегувањето во политиката за време на нивната соработка претходно оваа година.
Ширан и „У2“ соработуваа на песната „Yours Eternally“, во која учествува украинскиот пејач Тарас Тополија и која е напишана од перспектива на украински војник за време на тековната војна со Русија. Според Боно, додека музичарите работеле на песната, Ширан прашал: „Нема да ме вовлечете во политика, нели?“
„А јас му реков: ’Овој војник што нè инспирираше, тој те сакаше тебе, Ед, а ти работеше на оваа песна’“, продолжи Боно.
Пејачот се присети дека Ширан одговорил: „Да, но јас само сакам да ја зачувам слободата на она што го работам“. Боно потоа призна дека „не можеш да вршиш притисок врз луѓето“ и ги цитираше зборовите на музичарот Брајан Ино, кој рекол дека „поп-ѕвездите се како мали риби во големо море од огромни сили, религија и политика“.
Меклемор минатиот месец на социјалните мрежи откри дека бил отстранет од турнејата на Ширан откако на сцената, за време на нивниот концерт, извикал „Слободна Палестина“ (Free Palestine). Раперот истакна дека ситуацијата вклучувала тешки разговори со Ширан, но на крајот, за одлуката го обвини сопственикот на стадионот, Роберт Крафт.
„Минатиот понеделник, среде медиумското внимание околу Пинк и она што го кажав на ’МетЛајф’ (MetLife), Ед ми кажа дека му се јавил Роберт Крафт“, сподели Меклемор. „Требаше да настапиме на стадионот ’Жилет’ (Gillette Stadium) подоцна овој месец, кој е во сопственост на ’Крафт Груп’ (Kraft Group). Ед ми кажа дека Крафт рекол оти нема да ми биде дозволено да настапувам на неговиот стадион.“ „Ед исто така ми кажа дека Крафт ги мобилизирал некои од другите сопственици на стадиони и дека тие заеднички му поставиле ултиматум: ако Меклемор остане на турнејата, нема да ти биде дозволено да настапуваш на нашите објекти.“ Меклемор призна дека Ширан се нашол во „заебана ситуација“ и дека „не можел да го надмине својот јавен став од типот: ’Јас не заземам страни‘“.
Оттогаш, сите други изведувачи што требаше да настапат како предгрупи на Ширан се повлекоа од турнејата „Loop Tour“ во знак на солидарност со Меклемор и Палестинците, додека сите последователни настапи на Меклемор со кои се дава поддршка за Палестина беа целосно распродадени.