Ерзинџан, неоткриеното лице на Турција: Кањони, езера и природа далеку од туристичкиот метеж
Дури 43 отсто од патниците во 2026 година би избрале одмор во природа, додека 25 отсто планираат за време на патувањата да се посветат на помирни активности. Желбата за побавни патувања го насочува вниманието кон дестинации каде што природата и тишината се дел од самото искуство, а меѓу нив е и Ерзинџан во Турција.
Сместен во источниот дел на Анадолија, Ерзинџан го спојува природното богатство со историјата на некогаш важната станица на Патот на свилата. Денес, овој регион привлекува со кањони, планини, езера, водопади и висорамнини, но и со мали места во кои традиционалниот начин на живот сè уште е дел од локалниот пејзаж.

Еден од највпечатливите примери е Кемалије, град сместен во долина покрај реката Фират. Тој се наоѓа на Привремената листа на светско наследство на УНЕСКО, а воедно е и дел од Cittaslow, меѓународна мрежа на градови посветени на поквалитетен и побавен начин на живот. Кемалије е познат и по Таш Јол, камен пат долг седум километри, издлабен во стрмните карпи над долината.
Во близина се наоѓа и Каранлик, односно Темниот кањон, исто така вклучен на Привремената листа на светско наследство на УНЕСКО. Станува збор за еден од најдлабоките кањони, низ кој се протега реката Карасу, најголемата притока на Фират. Стрмните карпи и речниот тек создаваат пејзаж кој привлекува љубители на планинарењето, а реката овозможува услови и за рафтинг и кајакарење.

Природниот карактер на Ерзинџан особено доаѓа до израз кај неговите езера и водопади. Водопадот Ѓирлевик во пролет и лето се спушта низ зелената околина, во есен е опкружен со боите на лисјата, а во зимските месеци ниските температури можат да го претворат во замрзнат природен пејзаж. Посебно внимание привлекува езерото Отлукбели, формирано зад природна травертинска брана од води богати со минерали. Неговата геолошка формација е ретка, а водата има карактеристична црвенкаста нијанса. Планинскиот предел околу Ерзинџан крие уште неколку значајни природни точки, како што се планините Мунзур, кои се карактеризираат со високи врвови, густи шуми и глацијални езера, како и планините Кешиш, каде што се наоѓа едно од највисоките кратерски езера во Турција, Ајгир, како и Седумте езера.

Висорамнината Думанли во областа Рефахије е погодна за мирни прошетки во природа, а во Узумлу лозјата и градините се дел од локалниот пејзаж. Екшису, пак, популарно излетничко место меѓу локалното население, покрај минералните и термалните извори има и пространи зелени површини. И конечно, Ерзинџан не е само летна дестинација. Скијачкиот центар Ерган располага со современа инфраструктура и нуди услови за скијање и сноуборд, но и за зимски прошетки и возење моторни санки.
До Ерзинџан може да се стигне со директни летови од Истанбул, Анкара, Измир и Анталија, а летот од Истанбул трае околу два часа. Градот е поврзан и со познатата железничка линија Источен експрес, а за престој се достапни и хотелски сместувања и локални пансиони. Меѓу производите по кои е познат регионот се сирењето Ерзинџан тулум, грозјето Џимин и медот од Рефахије, додека локалната кујна вклучува јадења со јагнешко месо и традиционални десерти. Занаетчиското наследство, пак, се препознава во рачно кованите железни чукала за врата, бакарните предмети и килимите од Кемалије.
ПР објава