Промоција на „Јас сум Живка“ од Ирена Павлова Де Одорико
Во НУ Библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје вечер ќе биде промовирано најновото дело „Јас сум Живка“ од македонската поетеса, писателка, книжевна критичарка, есеистка и преведувачка Ирена Павлова Де Одорико.
„Јас сум Живка“ е книжевно дело кое ги спојува поезијата, прозата и драмско-сатиричните дијалози, со силен биографски и автобиографски предзнак. Делото е посветено на Живко Павлов, бардот на македонскиот хумор и сатира и татко на авторката.
Самото заглавие „Јас сум Живка“ се појавува како метафора за генетскиот, духовниот и креативниот код што авторката го наследува од својот татко – наследство кое истовремено станува дел од нејзината лична приказна, но и од пошироката меморија на македонската култура.
Во рецензијата за делото се истакнува дека Павлова создава современа македонска поема која го поврзува личното и колективното, интимното и културната меморија, претворајќи ја приказната за животот и смртта во поетски манифест за траењето на човековиот дух.
Промоцијата е замислена како книжевно-перформативен настан во два дела. Во рамките на перформансот ќе бидат интерпретирани фрагменти од книгата во монолошка и дијалошка форма, проследени со драмски и музички паузи кои дополнително ќе ја нагласат атмосферата на делото.
Во перформансот, покрај авторката, ќе учествуваат Симеон Мони Дамевски – режисер, сценарист, актер и продуцент;
Роберт Вељановски – актер и Татјана Алексиќ – професорка и авторка активна во областа на културата и јавниот дискурс.
За делото и неговите книжевни и културолошки аспекти ќе говорат Михајло Марковиќ, Сузана В. Спасовска и Силвана Димитриевска.
Ирена Павлова Де Одорико повеќе од една деценија живее и работи во Италија, каде активно ја промовира македонската книжевност и култура, градејќи мост меѓу двете културни средини. Таа е авторка на повеќе книжевни дела, добитничка на национални и меѓународни награди, застапена во бројни антологии, а нејзината поезија е преведена на повеќе јазици.
Книгата е објавена во издание на „Восток“ од Битола, денес „Свидерски и син“, а визуелното решение за насловот го потпишува академскиот сликар Сокол Марковски. Делото е поддржано од Министерството за култура и туризам.