Кина го суспендираше извозот на гориво
Кинеските рафинерии го запреа извозот на нафтени производи во сите региони освен во Хонг Конг и Макао, изјавија за Ројтерс четири информирани извори, што дополнително ги оптовари светските пазари кои веќе беа недоволно снабдени од војната во Иран.
Пекинг го ограничи извозот на гориво во март откако почетокот на американско-израелската војна против Иран ги прекина испораките на нафта од Блискиот Исток за Кина, најголемиот увозник во светот.
Во периодот од јули до септември, ограничувањата повторно беа ублажени. Сега Пекинг повторно се обидува да го даде приоритет на снабдувањето на домашниот пазар, а државната нафтена компанија „ПетроКина“ во среда откажа неколку пратки бензин и керозин што беа планирани за октомври, изјавија за Ројтерс три неименувани извори.
Компанијата се обврза да испорача поголем дел од сега откажаните пратки во последните две недели, додадоа изворите, кои разговараа со Ројтерс под услов на анонимност бидејќи не беа овластени да зборуваат со медиумите.
Пекинг поставува месечни квоти за извоз за управување со испораките на гориво, но во четврток започна еднонеделниот одмор во Кина, а рафинериите не добија зелено светло за октомвриските испораки на гориво во странство.
Рафинеријата „Zhejiang Petrochemical Corp“ (ZPC) не закажала испораки на гориво за време на празниците, изјави четврти извор. „PetroChina“, „ZPC“ и Националната комисија за развој и реформи не одговорија на барањата на „Ројтерс“ за коментар во текот на празничната недела.
Кина има најголем капацитет за рафинирање во светот, но обично заостанува зад Индија и Јужна Кореја во извозот на гориво, забележа Ројтерс.
Не е јасно дали Пекинг ќе продолжи да издава дозволи за извоз на рафинериите по завршувањето на празниците следната недела, велат изворите, додавајќи дека тоа ќе зависи од нивото на домашни залихи на гориво и производството на рафинериите.
Во јули, кинеските рафинерии го зголемија извозот откако Пекинг ги ублажи ограничувањата за извоз, а податоците од царината на Кина покажаа дека вкупниот обем на испораки на бензин, дизел и керозин во август достигна 4,58 милиони тони. Во септември, рафинериите натоварија 1,4 милиони тони дизел, 500.000 тони бензин и најмалку два милиони тони керозин за извоз, вклучувајќи ги и пратките до Хонг Конг и Макао, покажаа трговските проценки.