Големите даночни обврзници учествуваат со над 40 отсто во остварените даночни приходи
Дирекцијата за големи даночни обврзници, основана пред 20 години како крупна реформа во даночната администрација, денес има значајна улога во даночниот систем на државата. Големите даночни обврзници учествуваат со над 40% во остварените даночни приходи, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска -Кочоска во денешното обраќање на настанот по повод 20 години од основањето на Дирекцијата.
Како што потенцираше министерката, воспоставувањето на Дирекцијата пред две децении претставувало значајна реформа во Управата за јавни приходи, која донела големи придобивки за институцијата, но уште позначајно за компаниите кои ги користат нејзините услуги.
– Компаниите кои ги опфаќа се меѓу најзначајните носители на економската активност во земјата, компании кои инвестираат, вработуваат, создаваат додадена вредност и имаат значајно учество во полнењето на Буџетот – нагласила министерката.
Министерката истакнала дека начинот на кој функционира Дирекцијата е важен не само за Управата за јавни приходи, туку и за целокупната економија. Од една страна, нејзината задача е да обезбеди ефикасна и навремена наплата на јавните приходи и доследна примена на даночните правила, а од друга страна, подеднакво важно е да обезбеди професионален однос, јасна комуникација и предвидливо деловно опкружување за компаниите.
– Стабилен и предвидлив даночен систем е важен предуслов за компаниите при носењето долгорочни одлуки за инвестиции, нови вработувања, проширување на производството и развој на нивното работење. Создавањето услови за реализација на приватните инвестиции е од особено значење за постигнување повисоки и одржливи стапки на економски раст – нагласила Димитриеска-Кочоска.
На одбележувањето било истакнато и дека 20-годишниот јубилеј е можност да се согледаат постигнатите резултати, но и да се постават насоките за понатамошно унапредување на даночниот систем. Условите во кои работат компаниите постојано се менуваат, особено во услови на забрзан технолошки развој, поради што и институциите треба да ги следат овие промени и да обезбедуваат современи и ефикасни услуги.
Во таа насока, како значаен чекор, министерката го истакнала проектот Е-фактура, којшто започна да се спроведува во Управата за јавни приходи и претставува важен дел од дигиталната трансформација на јавните финансии.
– Проектот ќе придонесе за поедноставување и забрзување на процесите, намалување на административниот товар и поголема сигурност, следливост и ефикасност во работењето – потенцирала министерката.
Посочила дека за Министерството за финансии и Управата за јавни приходи особено значајна е предвидливоста на даночната политика и создавањето стабилно деловно опкружување и се осврна и на обезбедените средства од унгарската Експорт-импорт банка, кои се пласираат во македонската економија под поволни услови и кои ги охрабрија компаниите да влезат во значаен инвестициски циклус од близу 300 милиони евра.
– Министерството за финансии продолжува и со унапредување на даночната регулатива и нејзино усогласување со меѓународните и европските даночни стандарди. Во таа насока е и усвојувањето на Законот за минимален глобален данок на добивка, како значаен чекор кон усогласување на домашното даночно законодавство со современите меѓународни правила. Министерството за финансии работи и на измени и дополнувања на Законот за даночна постапка во однос на воведување жалбена постапка како правен лек против секој управен акт, истакнала министерката и додала дека модернизацијата на даночниот систем не значи зголемување на даночниот товар, туку градење поефикасни и посовремени институции кои ќе бидат во функција и на граѓаните и на бизнисот.
Министерката порача дека останува концептот на рамен данок, кој обезбедува предвидливост за компаниите и создава стабилна основа за планирање на инвестициите и развојот.
– Остануваме посветени на градењето институции кои ќе бидат во функција на граѓаните и бизнисот, истакнала Димитриеска -Кочоска.