Океаните апсорбираа лани рекордна количина топлина


Лондон –   Светските океани лани апсорбираа рекордни 23 зетаџули топлина, што е речиси 40 пати повеќе од вкупната количина на енергија потрошена од човештвото во текот на истата година, според извештајот за состојбата на океаните на програмата „Коперникус“.

Во 10-то издание на извештајот се наведува дека од 1999 година нивото на морето се зголемува во просек за околу 3,8 милиметри годишно, додека помеѓу 2012 и 2025 година овој раст се забрзал на 4,2 милиметри годишно, објавува „Гардијан“. Се додава и дека глобалниот океан станал за 17 проценти покисел во последните 40 години.

Океаните апсорбирале околу една третина од јаглерод диоксидот што го испушта човештвото, како и околу 90 проценти од дополнителната топлина заробена во Земјиниот систем од емисиите на стакленички гасови. Научниците утврдиле дека Медитеранско и Црно Море се погодени од рекордни морски топлотни бранови, при што високите температури се задржуваат длабоко под површината.

Средоземното Море се затоплува за 0,32 степени Целзиусови по деценија, а особено се забрзува во последните години, што придонесува за почести морски топлотни бранови.

Извештајот, исто така, ги покажа значајните последици од затоплувањето за морскиот живот. Од јануари 2023 до септември 2025 година, 84 проценти од светските корални гребени биле изложени на топлински стрес.

Во изминатите 30 години, речиси пет проценти од површината на океанот доживеале трајни промени во моделите на раст на фитопланктонот, микроскопски организми кои претставуваат основа на многу синџири на исхрана и играат важна улога во регулирањето на протокот на јаглерод.

На Антарктикот, во 2022 година, четири колонии на царски пингвини доживеале целосен неуспех во размножувањето за време на период на рекордно низок морски мраз.