Протест на сточарите и земјоделците во Пелагонија: Барања до премиерот Мицкоски и буџет од 200 милиони евра

Земјоделците го блокираа патот Битола-Прилеп кај Тополчани, а на протест добија поддршка и од претставници на одредни политички партии


(Фото: Тера.мк)

 

БИТОЛА – Земјоделците денеска излегоа на протест во Пелагонија и целото незадоволство и решавањето на проблемите го адресираа директно до премиерот Христијан Мицкоски, велејќи дека веќе не сакаат да комуницираат со министерот за земјоделство. 

Земјоделците од протестот побараа и тие да учествуваат во креирањето на  програмата за субвенционирање на аграрот и кажаа дека ќе побараат 200 милиони евра буџет за земјоделието.

Земјоделците го блокираа патот Битола-Прилеп кај Тополчани, а на протест добија поддршка и од претставници на одредни политички партии.

Сточарот Борче Бучински од здружението „Пелагониско поле“, вели дека земјоделците излегоа на протест заради севкупната состојба во која се наоѓа аграрот, од мерките и помошта што ги предвидува државата за земјоделците до неиплатените субвенции.

„Овој протест е за цело земјоделско и сточарско производство, или буквално за сите селани. За грло говедо земавме субвенции од 12.000 денари, сега е 8.000 денари. Бараме по грло говедо на сточарите да им се исплаќа по 250 евра од наредната година. Досега требаше да ни биде исплатена премијата за млекото. Бараме премијата да ни се исплати во рок од една недела. Да се стабилизира цената на суровото млеко. Предадената пченица од годинешната реколта да биде стимулирана со 5 денари по килограм поради ниската откупна цена на житото. Да се каже колку ќе биде цената на пченицата за да знаат земјоделците дали да сеат или не“, рече Бучински од протестот и додаде дека сточарите се соочуваат и со други проблеми како и обврски кон кланичните капацитети за да земат субвенции.

Сточарот Тони Петковски, претседател на здружението „Пелагониско поле“ на протестот кажа дека проблемите на сточарите се секојдневни и наталожени.

„Ние стоката ја храните 365 дена во годината, ни должат по шест денари за предадено литар млеко во откупувачки центри од лани од јули месец, а сега е крај на септември. Секој ден стравуваме дали млекарницита ќе ни го земе млекото или ќе ни го остави. Затоа бараме помош од државата плус 4 денари по литар млеко, или вкупно да биде 10 денари премијата. Инаку со моменталната цена на млекото и цената на нафтата сме на работ да преживееме“, рече Петковски. 

Годинава, голем проблем за поледелците беше откупот и цената на пиперката – куртовска капија. Земјоделците велат дека откупувачите не ги почитуваат цените претходно договорени и по однос на квалитетот, дека целиот род сега се откупува како втора класа.

„Прва класа пиперка се откупува како да е втора класа и оди на ленти за индустријата. Тука се оштетни сите земјоделци. Наместо 35 денари за килограм за земјоделците откупот е по мизерна цена“, вели Бучински.

Миле Кебакоски претседател на здружението „Југозапад фармери“ реагираше дека дел од земјоделците не можат да остварат право на субвенции заради мерка донесена од државата четири месеци после сеидбата на житото.

„Ни кажаа дека мора да користиме семенски материјал за житото годинава во февруари, кога реагиравме никој не мислеше сериозно, е сега сите се жалат. Допрва ќе дојдат проблемите кога ќе се реализира финансискиот дел. Има многу сопки“, рече Кебакоски и наведе дека земјоделците бараат ако откупот на пченицата е 10 денари за килограм, 5 денари да биде помошта од државата. Субвенциите за житото да се доисплатат по сите основи, оти досега зеле само по површина.

Во незавидна ситуација се и овоштарите, производители на јаболка. Бербата е во ек, а цените под производните. Не се исплатени субвенциите за јаболката, за житариците, за пчеларите и други гранки.

„Поради сето ова, барањата од овој протест ги адресираме до премиерот Христијан Мицкоски, нашите барања веќе нема да одат на адреса на министерот Борче Серафимовски, бидејќи со министерот повеќе нема што да разговараме“, вели Бучински.

Земјоделците ги побараа и картичките за зелена нафта.