„Скејтбордингот не е за девојчиња“ и „Шефот и слаткото девојче“ се најдобри играни филмови на 14. „Џифони Македонија“


Играниот филм на Дина Дума, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ е најдобриот игран филм, според жирито на сениорите и кадетите на 14. Младински филмски фестивал „Џифони Македонија“, што беше затворен синоќа. Вториот долгометражен филм на Дина Дума ги освои срцата на средношколците што годинава учествуваа на „Џифони Македонија“. За јуниорите, односно учесниците од шесто до деветто одделение, кои работеа во Кинотеката, најдобар игран филм е „Шефот и слаткото девојче“ во режија на Андреа Порпорати. За јуниорите најдобар краток филм беше „Мило“ во режија на Даниеле Фабиети, додека за сениорите – The Mole, во режија на Марко Санторо.

Како што информираат од Тимот на Џифони Македонија, најдобар анимиран краток филм е Cinema Rialto од Кипар, во режија на Антони Петроу.

Најдобар краток ученички филм за основнци е филмот „1863: Американска крв“ (1863: American Blood Director) на режисерот Лео Кан. Најдобари кратки ученички филмови за средношколци е „Не биди тивок – пријави малтретирање“ (Don’t Be Silent –

Report harassment) на режисерката Фросина Захда и Reaching Seventeen на режисерката Марија Ковалева од Ерменија.

Најактивни џифонци годинава, според жиријата се Леко Бардароски, Сара Драгниќ и Калина Ивановска. Тие се само дел од среќните што ќе учествуваат на „Џифони експериенс“ в година.

Синоќа во киното „Фросина“ џифонци покажаа што се сработиле во изминатите пет дена додека траеше фестивалот. Кратки играни и документарни филмови, дел од мјузикл, цртежи и сл. „Џифони Македонија“ и годинава беше оаза за младите креативци и зона во која царува слободата и креативноста.

Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм, Министерството за култура на Италија, Амбасадата на Италија, Италијанскиот културен инстиут, Џифони Експириенс, Град Скопје, како и општините Карпош, Центар и Кисела Вода