Додека не стигнат 100 автобуси за Скопје, нема да се праќаат возила во другите градови


Фото: Б. Грданоски

Завршена е постапката за набавка на новите автобуси и потпишан е договорот, а во тек е рокот за нивна испорака – изјави денеска градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, посочувајќи дека главниот град ќе има приоритет во распределбата на возилата.

– Скопје од тие 150 автобуси го има приоритетот, односно додека не се исполни квотата од 100 автобуси за градот, нема да се доставуваат автобуси за другите општини – рече скопскиот градоначалник.

Тој информира дека паралелно се работи на подготовка на инфраструктурата за новите автобуси во координација со ЕВН и ЈСП. 

– Мој близок соработник е одговорен како претставник од Град Скопје, а задолжен е и директорот на ЈСП. Во постојана комуникација сме со ЕВН и веќе се излезени сите тимови и екипи на терен да работат и кога ќе стигне првата тура на автобусите, ние да бидеме спремни со инфраструктура. Некаде станува збор за стара мрежа, која не може да го издржи капацитетот, и затоа влегуваме со обновување на мрежата, некаде ќе треба да се постават трафостаници за функционалност. На три точки работиме: едната е новата железничка станица, едната е Автокоманда и едната е Ѓорче Петров, такашто ќе влеземе подготвени во процесот – потенцира скопскиот градоначалник.

Одговарајќи на новинарско прашање за изградбата на булеварот „Цветан Димов“ во Чаир, Ѓорѓиевски рече дека е во тек подготовка на основниот проект и на проектната документација, при што Општина Чаир е задолжена за документацијата, а Град Скопје за обезбедување средства и експропријација.

– Го спремаат основниот проект. Знаете дека од почетокот и така најавивме, обврските на Општина Чаир се да ја спреми целата проектна документација, а обврската на Град Скопје ќе биде да ги обезбеди средствата и да влезе во реализација. Експропријацијата исто така таму ќе ја вршиме ние како Град Скопје. Од она што последно го сумиравме на состанокот е дека до крајот на годината, како што и споменав, јас верувам дека ќе биде распишана тендерската постапка – рече Ѓорѓиевски.

Според него, станува збор за проект кој повеќе од 30 години бил најавуван, но досега не стигнал ниту до фаза на изработка на проектна документација.

Во врска со поставувањето сигнализација на пешачкиот премин кај Бит-пазар, Ѓорѓиевски посочи дека проектот го подготвува Секторот за сообраќај на Град Скопје, во соработка со СВР Скопје, и најави дека набргу ќе следува реализација на терен.