Промоција на „Атентат“, долгодишно истражување на д-р Доревски за атентатот на Глигоров
По повеќе од три децении, книгата ,,Скопскиот атентат’’ повторно го отвора прашањето за еден од најсложените безбедносни случаи во независна Македонија – атентатот врз првиот претседател на државата, Киро Глигоров, се вели во најавата за промоцијата на најновата обемна книга д-р Зоран Доревски, во време на атентатот главен инспектор во Управата за обезбедување одредени личности и објекти при Министерството за внатрешни работи , во сабота, 3 октомври, во 11 часот во хотелот Холидеј Ин.
Зоран Доревски ќе промовира книга за атентатот на Киро Глигоров
Кој бил мотивот? Кој го организирал атентатот? Кои биле извршителите? Што открива техниката на нападот? Зошто истрагата потфрли и зошто клучните прашања останаа без одговор повеќе од 30 години? Тоа се прашања и одговори што ги исцртуваат страниците на книгата.
Авторот, врз основа на бројни документи, индиции и сведоштва, нуди аналитичка реконструкција на настанот и ново согледување на случајот се вели во најавата.
Без да ја презема улогата на обвинител или судија, тој ги става фактите пред читателот, ја реконструира можната слика на настанот и му дава можност и самиот да носи заклучок.
Рецензентот м-р Бранислав Јанковиќ, пишува:
„Зоран Доревски, во најдоброто светло на писателите на трилери, се обидува — и во тоа успева — од обидот за убиство на македонскиот претседател Киро Глигоров во 1995 година во Скопје да создаде своевиден документ за тој настан, детално анализирајќи сè: од геополитиката и тајните служби, па сè до последниот форензички детаљ, додавајќи му на сето тоа добра доза детективски наратив“…
А, академик проф. д-р Неџад Корајлиќ, истакнува:
„Посебната вредност на ова дело е во тоа што атентатот не се разгледува само како поединечно кривично дело, туку како сложен политичко-безбедносен феномен во кој се испреплетуваат криминалистички, геополитички, разузнавачки и општествени фактори. Ваквиот интердисциплинарен пристап на авторот претставува редок пример во современата литература во Југоисточна Европа.“