Поранешен грчки министер ќе биде изведен пред Специјален суд за интервенција на местото на железничката несреќа во 2023 година


Поради интервенција и „затрупување“ на местото на железничката несреќа во Темпи што се случи на крајот на февруари 2023 година, актуелниот пратеник на Нова демократија Христос Триандопулос кој тогаш беше министер без ресор ќе биде изведен пред Специјалниот суд за одговорност на министрите и се товари за прекршување на службена должност, јави дописничката на МИА од Атина.

Триандопулос во минатото категорично отфрли каква било намерна интервенција на местото на несреќата, посочувајќи дека секогаш бил воден од „чувството на одговорност и почитување на институциите, согласно неговиот личен и политички морал“, додека пак денеска коментираше дека ќе се потврди неговата невиност и соопшти дека нема да биде кандидат за пратеник на Нова демократија на следните избори.

Грчки владини извори коментираа дека Владата целосно ја почитува правдата, но и дека во секој случај, не станува збор за одлука, туку за една преодна фаза и постои презумпцијата на невиност.

Заедно со поранешниот министер пред Специјалниот суд ќе бидат изведени и тогашниот префект на областа Тесалија, тогашниот генерален секретар за цивилна заштита, како и тогашните раководители на противпожарната служба и сообраќајната полиција во Лариса.

Железничката несреќа се случи на 28 февруари 2023 година кај Темпи кога при директен судар на патнички и товарен воз загинаа 57 лица.