Бронзата на Рустемовски на ЕП – му донесе признание „Спортист од светска категорија“


Министерот за спорт Борко Ристовски, денеска го прими македонскиот боксер Ален Рустемовски и му честиташе за историскиот успех и освоениот бронзен медал на Европското сениорско првенство во Софија, Бугарија. Рустемовски со три последователни победи стигна до полуфиналето во категоријата до 60 килограми и го обезбеди бронзениот медал за Македонија.

Со овој резултат Македонија повторно има европски медал во сениорски бокс, прв пат по 2008 година кога Вели Мумин освои бронза на Европското првенство во Ливерпул.

Согласно Правилникот за категоризација на спортистите на Република Македонија, со освоениот бронзен медал на Европското првенство Рустемовски влегува во категоријата „Спортист од светска категорија“, со што се стекнува со право на паричен надомест од државата во висина од две просечни плати во период од четири години.

Бронзениот медал од ЕП на Рустемовски му носи и право на највисокото Национално спортско признание што се доделува на македонските спортисти за врвни спортски остварувања по навршување на 40-годишна возраст.