Германија ја потврдува континуираната поддршка за Меѓународниот кривичен суд во Хаг
Германската влада денеска потврди дека ќе продолжи да му дава поддршка на Меѓународниот кривичен суд во Хаг (МКС) пред посетата на шефот на дипломатијата Јохан Вадефул на судот.
„Како втор најголем финансиски донатор на судот по Јапонија, Германија соработува со партнерите за да ја зачува способноста на судот да го спроведе својот мандат. Меѓународните правила се толку силни колку што е нашата подготвеност да ги браниме“, изјави министерот Вадефул, пренесуваат британските медиуми.
Тој нагласи дека поддршката на Германија е дел од нејзината историска одговорност да обезбеди правда во случаи кога националните правосудни системи не се во можност или не се подготвени да дејствуваат.
„Германија знае од сопствената историја каде води ситуацијата во која владата ги игнорира законот и човечноста“, додаде тој.
Многу влади, особено во Европа, реагираа на обидот на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да го казни МКС за истраги против американски персонал, како и за налогот за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, поддржувајќи го Меѓународниот кривичен суд во Хаг, опишувајќи го како камен-темелник на меѓународниот правен систем.
Претходно неделава, британските медиуми објавија дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвила санкции против целиот Меѓународен кривичен суд и планира набргу да ги објави.
„Меѓутоа, Меѓународниот кривичен суд (МКС) презеде голем број чекори за да се заштити од потенцијални сеопфатни санкции од страна на САД. Ние направивме големи напори за да се осигуриме дека судот е заштитен од последиците од какви било потенцијални идни санкции“, рече заменик-обвинителката на МКС, Назат Шамим Кан, објави „Фајненшл тајмс“ (ФТ).
Таа рече дека судот реорганизирал многу од своите системи во текот на изминатата година, вклучително и префрлање од канцеларискиот софтвер на „Мајкрософт“ на германскиот софтвер со отворен код OpenDesk, како и имплементирање алтернативни решенија за здравствено осигурување на вработените и банкарски услуги.
„Фајненшл тајмс“ објави дека судот им плаќал на вработените со месеци однапред за да ги ублажи евентуалните прекини во плаќањата.