Истекува мерката за помало ДДВ за дизелот


Мерката со која ДДВ за дизел-горивото беше намалено од 18 на 10 проценти истекува денеска. Намалената даночна стапка почна да се применува на 15 септември, како мерка за ублажување на ценовниот притисок врз граѓаните. Владата треба да одлучи дали повластеното ДДВ за дизелот ќе продолжи да важи и во наредните две недели.

Регулаторната комисија за енергетика денеска треба да ги утврди максималните цени на горивата што ќе важат во следните седум дена.

Со последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, цената на дизелот се зголеми на 104,5 денари за литар. Цената на Еуросупер БС-95 е 99 денари, а Еуросупер БС-98 се продава по цена од 101 денар за литар.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, минатата недела рече дека ако ескалира ситуацијата со цената на горивата, Владата ќе ги преземе сите мерки за да го ублажи ризикот кон граѓаните, додавајќи дека ситуацијата внимателно се следи.

-Тоа што се случува е на светско ниво. Како што следиме сите, секаде се цените покачени. Значи, тоа е виша сила, војна врз која ние не можеме да влијаеме. Минатата недела имавме онлајн вонредна седница на Влада и откако почна сè, уште од март, направивме и акциза и намалување на ДДВ и со ОКТА договоривме попуст. Го намаливме ДДВ-то на 10 проценти. Дискутираме, гледаме и ќе се консултираме на ниво на Влада. Ние секако сме за заштита на стандардот на граѓаните, меѓутоа ќе мора да разгледаме кои се и фискалните импликации – рече таа минатиот понеделник.

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески минатата недела рече дека со намалувањето на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти граѓаните заштедувале до 350 илјади евра дневно. Тој нагласи дека Владата има капацитет да се справи со последиците од кризата и оти мерките се носат по детални анализи и координација меѓу повеќе институции.