„Фајненшл тајмс“: ЕУ бара Велика Британија да ги зголеми царините за кинеските автомобили
Европската Унија бара Велика Британија да ги зголеми царините за кинеските автомобили и да ја усогласи својата трговска политика со на ЕУ, со цел да се избегнат ограничувањата за британскиот извоз, кои произлегуваат од стратегијата „Произведено во Европа“ (Made in Europe), јави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на два неименувани извори.
Како одговор на барањата на Лондон за еднаков третман за британските стоки, ЕУ посочи дека најдоброто решение би било Велика Британија да се приклучи кон царинската унија на ЕУ.
Царинската унија би ги решила повеќето проблеми поврзани со „Произведено во Европа“, како и прашањето за разликите во царините што предизвикуваат загриженост дека кинеските компании би можеле да ги заобиколат европските царини преку насочување на нивните стоки преку Велика Британија, изјави претставник на ЕУ за „Фајненшл тајмс“.
Велика Британија изјави дека самостојно ги одредува своите трговски мерки и тоа исклучиво врз основа на економските интереси на земјата и нејзината индустрија.
Сепак, Европа и Велика Британија се соочуваат со многу исти предизвици, поради што е од витално значење да се заштитат трговските текови меѓу нас, изјави портпарол на британската влада.
Британскиот премиер Енди Барнам претходно истакна дека ќе се залага Велика Британија да биде третирана како „доверлив партнер“ според предложените правила на ЕУ за „Произведено во Европа“. Тој предупреди дека исклучувањето на земјата од овие правила би можело да ѝ наштети на британската автомобилска индустрија.
Стратегијата на Брисел „Произведено во Европа“ има за цел да ја ограничи зависноста на ЕУ од кинески компоненти преку поттикнување на употребата на стоки и делови произведени во рамките на Унијата. Ова предизвикува загриженост кај британската автомобилска индустрија, која испорачува компоненти за производствените синџири на ЕУ и продава возила на европскиот пазар.