Еврокодовите во градежништвото ќе овозможат побезбедени градби
Воведувањето на еврокодовите во градежништвото ќе значи побезбедени и посигурни градби, поголема безбедност и подобри услови за работа. Стручната фела е категорична дека еврокодовите треба да се воведат што е можно побрзо и по нив во иднина да се проектира и гради.
– Во сите фази се зголемува безбедноста – не само во фазите на градењето, туку и во приправните фази, во фазата на проектирањето и.т.н. Тоа е комплекс на стандарди во кои е преточено европското искуство во изминатите седум или осум деценции. Тоа значи апсолутно побезбедени и посигурни градби за граѓаните, подобар квалитет и би се намалиле сите оние проблеми коишто ги согледуваме секојдневно. Тоа е вистинскиот пат по кој треба да се движиме- смета деканот на Градежниот факултет Јосиф Јосифовски.

Во градежништвото моментално има паралелно користење на стандарди коишто датираат од 80-90-тите години и еврокодовите, но стручната фела смета дека еврокодовите треба да се донесат како единствени национални стандарди во градежништвото.
– Ние веќе 10 години се трудиме да ги воведеме еврокодовите. Моментално имаме паралелно користење на старата и новата регулатива меѓутоа сметаме дека треба да се насочиме само кон еврокодовите и по нив во иднината да проектираме и градиме- вели Јосифовски.
Воведувањето на еврокодовите, според Јосифовски, не значи и зголемување на цената на становите по автоматизам.
– Не е нужно, затоа што еврокодовите се флексибилни и дозволуваат трошоците да се дефинираат зависно од потребите. Постои мислење во пошироката јавнист дека со воведувањето на еврокодовите се воведуваат поголеми стандарди што можно е да ја зголемат цената на градбата, но не е нужно, а целта секогаш треба да ни биде квалитетот и безбедноста- вели Јосифовски.
Според претседателот на Здружението за градежништво при Стопанската комора Андреа Серафимовски, процесот носи и потешкотии, но неопходно е воведувањето на овие еврокодови со цел да се фати чекор со процесите што се одвиваат во Европа.
– Знаеме дека процесот има многу тешкотии кои треба да се преминат, но тука сме да ги преземеме сите наши активности со цел инженерите побрзо да ги совладаат еврокодовите, а државата да ги воведете како национални стандарди за да фатиме чекор кон процесите шти се одвиваат во Европа- изјави денеска Серафимовски пред почетокот на Националната конференција за Еврокодови 2.0 на тема „Од стандардизација до национална имплементација“ што се одржа во Стопанската комора.