Стопанската комора со серија настани за кредитирање, локален развој и дигитална трансформација
Регионалната конференција „MicroBalkans“, состанок со градоначалници посветен на локалниот развој и дигитализацијата, како и настанот „Industry Meetup“ во организација на ДИГИТМАК – се дел од активностите што во наредните денови ќе ги организира Стопанската комора, со фокус на финансискиот сектор, дигиталната трансформација и регионалната економска соработка.
Како што информираат од Комората, денеска ќе се одржи регионалната конференција „MicroBalkans“, чија цел е да создаде платформа за поврзување на микрофинансирањето, небанкарското кредитирање, финтек-индустријата и финансискиот сектор. Годинешното мото на конференцијата е „Што треба да се промени во начинот на размислување за кредитирањето“, а настанот ќе собере претставници на регулаторните тела, банките, небанкарските финансиски институции, финтек-компаниите и меѓународните финансиски организации.
Во Стопанската комора утре ќе се одржи состанок со градоначалници од поголемите општини во земјава, на кој ќе се разменуваат искуства за функционирањето на локалната самоуправа и регионалните бизнис-организации. На средбата ќе биде разгледана и иницијативата за усогласување на регионалните комори со осумте плански региони во државата.

Пред учесниците ќе биде претставена и дигиталната платформа „MyCivic“, наменета за подобрување на комуникацијата меѓу граѓаните, локалната власт, администрацијата и јавните претпријатија. Според најавите, платформата треба да овозможи поефикасно управување со ресурсите, подобра контрола на трошоците и следење на квалитетот на јавните услуги.
Подоцна истиот ден ќе се одржи и „Industry Meetup“, организиран во рамки на ДИГИТМАК, иницијатива насочена кон забрзување на дигиталната трансформација на македонските компании и развој на конкурентен бизнис-сектор. На настанот ќе биде претставен Европскиот дигитален иновациски хаб ДИГИТМАК, како и услугите што ќе им бидат достапни на компаниите за воведување современи дигитални решенија и примена на вештачка интелигенција.
Од Комората најавуваат и учество на регионални економски настани. На 30 септември во Цетиње ќе се одржи состанок на министрите за економија од земјите од Западен Балкан, на кој ќе се разговара за регионалната економска интеграција, спроведувањето на Заедничкиот регионален пазар и реформската агенда во рамки на Берлинскиот процес.
На 1 октомври во Будва ќе се одржи настанот „Бизнис-платформа ЕУ – Западен Балкан 6“, кој ќе ги обедини претставниците на деловната заедница, институциите на Европската Унија и креаторите на политики од регионот. Во фокусот ќе бидат можностите за продлабочување на економската интеграција, подобрување на деловното окружување, зголемување на трговската размена и поттикнување на инвестициите меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија.