Градоначалникот на Анкара ја напушта опозициската ЦХП и ќе биде независен

Неговата одлука доаѓа две недели по средбата со претседателот Реџеп Таип Ердоган, која поттикна шпекулации за неговата политичка иднина


Опозицискиот градоначалник на Анката, Мансур Јаваш (Фото: АП)

 

Градоначалникот на Анкара, Мансур Јаваш, ја напушти Републиканската народна партија (ЦХП) и објави дека ќе продолжи да управува со турскиот главен град како независен кандидат.

Неговата одлука доаѓа две недели по средбата со претседателот Реџеп Таип Ердоган, која поттикна шпекулации за неговата политичка иднина.

Јаваш има освоено два последователни мандати како градоначалник на Анкара и се смета за потенцијален ривал на Ердоган на идните претседателски избори. Со оваа одлука, тој останува надвор од двете фракции на поделената опозиција, во време кога истрагите насочени кон општините водени од опозицијата се проширија и врз администрацијата на турскиот главен град.

Во објава на социјалната мрежа Икс Јаваш посочи дека неговата одлука е поттикната од „одредени изјави дадени денес“, без да прецизира кој ги дал или што содржеле тие.

Тој нагласи дека нема намера да се приклучи кон друга политичка сила. Изјави дека жителите на Анкара го избрале како кандидат на ЦХП и дека нема да го пренесе мандатот што го добил од нив на партија која тие не ја поддржале.

Јаваш остана во ЦХП откако судот го поништи изборот на Озгур Озел за претседател на партијата – одржан на конгресот во 2023 година – и го врати на функцијата неговиот претходник, Кемал Киличдароглу. Подоцна, Озел и 90 пратеници се отцепија за да ја формираат „Новата партија“.

Градоначалникот на Анкара се обидуваше да ја одржи соработката меѓу претставниците на двете фракции во општинскиот совет. Тој изјави дека со месеци предупредувал оти борбата за партиското лидерство може да ја расцепи опозицијата и да ги намали нејзините шанси за пораз на Ердоган.

Одлуката на Јаваш доаѓа во време на серија истраги насочени кон опозициските градоначалници. Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, еден од клучните политички ривали на Ердоган, се наоѓа во притвор од март 2025 година под обвиненија за корупција, кои тој ги негира.

Приведени се и други опозициски градоначалници. Опозициските партии ги оценуваат истрагите како политички мотивирани, додека владата ги отфрла тврдењата дека врши влијание врз судството.

Анкара исто така се најде под лупа. Министерството за внатрешни работи одобри истрага против Јаваш и неговиот шеф на кабинет во врска со трошоците за општински концерти. Подоцна беше покрената истрага и за наводите дека општински возила биле користени за време на изборен митинг во 2023 година.

Јаваш ја опиша истрагата за концертите како политички мотивирана, додека општината ги отфрли обвинувањата за какви било неправилности во врска со користењето на возилата.

Средбата со Ердоган

Средбата меѓу Јаваш и Ердоган во Претседателската палата на 9 септември предизвика незадоволство кај дел од поддржувачите на опозицијата.

Јаваш изјави дека самиот ја побарал средбата за да разговара за изградбата на метрото и за други развојни проекти за Анкара. Тој негираше дека се разговарало за пристапување кон владејачката AKП.

Озел исто така истакна дека Јаваш однапред го информирал за средбата и дека немал ништо против дискусија за инфраструктурните проекти во главниот град. Тој ги отфрли тврдењата дека посетата сигнализира премин кон AKП или откажување од евентуална претседателска кандидатура.

Анкетата спроведена во август од страна на „HBS Research“ врз 2.000 гласачи покажа дека во хипотетички втор круг од претседателските избори, 54,8% би го поддржале Јаваш, а 45,2% би го поддржале Ердоган. Анкетата беше спроведена пред одлуката на градоначалникот да ја напушти ЦХП.

Пред да се приклучи кон ЦХП, Јаваш беше член на екстремно десничарската Партија на националистичкото движење и ја извршуваше функцијата градоначалник на Бејпазари, општина во Анкара. Тој му ја донесе победата на главниот град на Турција на опозицијата во 2019 година и беше реизбран во 2024 година.