За прв пат од 2002 на изборите во Љубљана ќе има втор круг. Може ли Зоран Јанковиќ да загуби?


 

Имаше неколку изненадувања на локалните избори во Словенија, но веројатно најголемото е што во Љуљана ќе има втор круг за избор на градоначалник. Зоран Јанковиќ (независен кандидат), кој во шест мандати ја раководи Љубљана од 2002 година за прв пат ќе мора да одие во втор круг за да ја освои функцијата. Досега секогаш победуваше во првиот круг.

Во Љубљана извонреден успех постигна Левица и нејзиниот кандидат Лука Месец ќе му се спротивстави на Јанковиќ во вториот круг.

Според досега преброените гласови, Зоран Јанковиќ освоил 34,89 отсто од гласовите, додека Лука Месец добил 25,89 отсто.

„Се надевам, или очекувам – како сакате. Гласачите ќе го кажат последниот збор“, изјави актуелниот градоначалник Зоран Јанковиќ при пристигнувањето во изборниот штаб. „Добредојде во вториот круг, Лука Месец“, рече Јанковиќ, додавајќи дека тој и Месец секогаш биле коректни еден кон друг за време на кампањата.

Според кандидатот за градоначалник Лука Месец, во првиот круг граѓаните гласале за кандидатот што го сметале за најдобар и најсоодветен.

„Важно е што во Љубљана за првпат по 2002 година ќе има втор круг, а уверен сум дека победата во вториот круг ќе биде наша“, изјави Месец. Според него, во продолжението на кампањата во преден план ќе биде тимот со кој тој планира да раководи со градската општина. „Досега настапував со сопствена листа, а во вториот круг ќе покажеме и дека имаме тим способен да ја води општината“, најави тој.

Месец го оцени успехот на партијата Левица на изборите во Љубљана како доказ дека партијата го зајакнува своето присуство и надвор од државно ниво. Тој додаде дека настаните во Љубљана укажуваат на поширок раст на партијата, а обвинувањата за недостиг на теренска организација стануваат сè помалку релевантни.

Месец како први задачи на евентуалната нова градска власт ги издвои развојот на градските населби, решавањето на станбените прашања, сообраќајот и подобрувањето на пристапноста до јавните услуги.