Уапсена шефицата на тајната служба на Албанија, местела тендери и чувала дома тајни документи
Влора Хисени, доскорешната шефица на албанската тајна служба ШИШ, падна во истрага што почнала од сомнителни државни ИТ-тендери, а стигнала до доверливи документи.
СПАК ја сомничи дека му помагала на еден од клучните осомничени и откривала државни тајни, додека во пошироката афера се испитуваат 19 тендерски постапки со проценета вредност од околу 59 милиони евра.
Судот ѝ одредил куќен притвор и суспензија додека Хисени била службено во Баку. По враќањето била запрена на границата меѓу Косово и Албанија, а премиерот Еди Рама во меѓувреме ја разрешил од функцијата.
Во центарот е АКШИ, Националната агенција за информатичко општество на Албанија, преку која се спроведуваат големи државни ИТ-набавки. СПАК истражува сомнение дека организирана група влијаела врз тендерите и ги насочувала кон однапред определени компании.
Еден од луѓето кон кои води истрагата е бизнисменот Ергис Агаси. СПАК го сомничи дека создал структурирана криминална група поврзана со манипулирањето на тендерите на АКШИ.
Токму тука во приказната влегува Хисени.
Таа не е осомничена дека лично местела ИТ-тендери. Обвинителството ја истражува поради сомнение дека му помагала на сторител на кривично дело и дека откривала државна или службена тајна.
Албански медиуми објавија дека при истрагата биле пронајдени и материјали означени како „државна тајна“, кои потекнувале од ШИШ. Токму тие документи ја отвораат најчувствителната страна на аферата – како класифицирани информации од институцијата задолжена да ги чува завршиле надвор од неа.
Истрагата има и необичен финансиски траг. Компанијата „ЕА Солушн“, основана од Агаси со капитал од само 1.000 леки, според албански Репорт ТВ уште во првата година пријавила 242,4 милиони леки приходи и 232,1 милиони леки добивка пред оданочување.
Компанијата била основана само 48 часа пред премиерот на Албанија Еди Рама јавно да соопшти дека ја предлага Хисени за директорка на ШИШ. Временското совпаѓање само по себе не докажува незаконска врска, но сега Агаси и Хисени се дел од истата истрага.
Кога судот на 21 септември одлучил да ја суспендира и да ѝ одреди куќен притвор, Хисени била на службено патување во Баку во Азербејџан.
По враќањето преку Косово била запрена на граничниот премин и предадена на албанските власти.
Хисени претходно работела во Косовската разузнавачка агенција, каде што од 2019 година била заменик-директорка. Во 2021 година од функцијата ја разрешиле косовската претседателка Вјоса Османи и премиерот Албин Курти.