ЕВН: Набавката на броилата е според законска процедура


Фото: Б. Грданоски

 

Сите набавки на ЕВН Македонија се спроведуваат низ јасно утврдена постапка, со почитување на законските процедури и специфичните технички критериуми, велат од енергетската компанија за последниот договор за набавка на електрични броила.

Од компанијата велат дека таквата пракса е применета и во постапката за набавка на броила, каде што, покрај законската регулатива, доследно биле применети и критериумите за техничка и професионална способност, усогласеноста со барањата од техничката спецификација, како и проверката за евентуално постоење причини за исклучување на понудувачите од постапката.

Изборот на понудувачот, како што велат, е резултат исклучиво на спроведената постапка и на исполнувањето на однапред утврдените критериуми и барања, без простор за политички или други толкувања поврзани со изборот.

„Промената на броилата е дел од процесот за целосно усогласување на дистрибутивниот систем со стандардите на Европската Унија и интензивно се спроведува со години наназад, а ќе продолжи и во следниот период“, велат од ЕВН Македонија.