Уапсени пет лица: Битолчанец подметнал пожар на подземни контејнери во Центар, четворица запалиле огномет на нива
Во два одделни случаи во Скопје, полицијата привела пет лица поради сомнение дека предизвикале пожари, информира Министерството за внатрешни работи.
На 22 септември во 13:15 часот, во близина на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Центар, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Б.П. (63) од Битола.
Според МВР, тој бил забележан околу 13:00 часот на улицата „Максим Горки“ како подметнува пожар на подземни контејнери. По преземените мерки, лицето било пронајдено и лишено од слобода.
Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје. По целосното документирање на случајот, против Б.П. ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на 23 септември во 00:10 часот на подрачјето на Бутел, полициски службеници од СВР Скопје ги привеле Б.И. (24), Џ.Љ. (26) и Р.Б. (21) од село Света Петка, скопско, како и А.Џ. (20) од село Сарај, скопско.
Четворицата се сомничат дека запалиле огномет на нива, по што избувнал пожар при кој изгорела сува трева на површина од околу 1.000 квадратни метри.
Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а од МВР информираат дека по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.