„Гола месечина“ се „облече“ и почна да пее


Манифестацијата „Гола месечина“, која со години се одржува во Општина Аеродром и годинава ќе се одржи од  25 до 27 септември, овојпат  во паркот „Авионче“, но место театарска манифестација, со претстави, се претвора во музичка манифестација, со дополнителна стендап-комедија, кабаре и детска програма  .

„Во рамките на тридневната фестивалска програма, посетителите ќе имаат можност да уживаат во разновидни културни и забавни содржини, меѓу кои музички настапи, стендап-комедија, кабаре, детска програма и други содржини наменети за сите генерации. Со поддршката на фестивалот „Гола месечина“, Општина Аеродром продолжува да придонесува кон збогатување на културниот живот во општината и создавање можности за граѓаните да уживаат во квалитетни културни содржини“, велат од општината, но не објаснуваат зошто се смени концептот на манифестацијата.

Фестивалот „Гола месечина“ ќе се одржи на 25, 26 и 27 септември во паркот „Авионче“, а влезот за сите посетители е бесплатен“, соопшти Општина Аеродром.

Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“ кој требаше годинава да го има своето 13. издание, ненадејно го смени организаторот.

Имено, Општина Аеродром на седница на Советот од 9 септември донела одлука наместо НУ Театар Комедија, која досега го организраше, да поддржи здружение за граѓани за организацијата.

Со одлуката, Општина Аеродром додели 615.000 денари на Здружението на граѓани ДС Вајб, кое е формирано на 10 август 2026 година, а решението од Централниот регистар го добива на 20 август.

„Почитувана публико, новото раководство на Театар Комедија направи сѐ за да ја продолжи традицијата и да го организира меѓународниот Фестивал на комедијата ,,Гола Месечина“. Иако досегашното раководство немаше преземено никакви организациски и подготвителни активности за одржување на Фестивалот (освен објавата на репертоарот во јуни, без договорени претстави), во Театар Комедија бевме спремни да почнеме со негова реализација, но, за жал, од Општина Аеродром не добивме одговор на нашите повици и барања. За одлуката на Советот на Општина Аеродром за организација на Фестивалот со други партнери, во Театар Комедија дознавме од медиумите. Искрено сме им благодарни за досегашната поддршка и соработка, ја почитуваме нивната одлука и им посакуваме среќа и успех. На нашата публика ѝ порачуваме дека во блиска иднина во Театар Комедија ќе ја добиете вашата поубава и посјајна Гола Месечина!“ – се вели во соопштението на Театар Комедија.