„Зелен Хуман Град“ бара од Обвинителството истрага што горело во управната зграда на „Факом“


Црн густ чад од комплексот Железара вчера стигна дури до скопската населба Ново Лисиче, а екоактивистите од „Зелен Хуман Град“ бараат од Основното јавно обвинителство веднаш да отвори истрага за загадување на животната средина

 

„Денешниот голем пожар во управната зграда на фабриката Факом го изложи Скопје на сериозно аерозагадување и токсични честички.

Бараме Основното јавно обвинителство веднаш да отвори истрага за загадување на животната средина. Институциите мора да утврдат кои мерки за заштита и превенција не се испочитувани. Очигледно е дека постоечките механизми или не се применуваат или воопшто не превенирале ништо.

 

Бараме Државниот инспекторат за животна средина да спроведе итен вонреден надзор. На граѓаните им е загрозено основното уставно право на здрава животна средина.

Од организацијата сугерираат Обвинителството да испита што се чувало во управната зграда на „Факом“, компанијата за челични конструкции која патем е во стечајна процедура.

„Бараме одговори што изгорело и во колкава количина. Од каде сиот тој црн чад налик оној со електронскиот отпад во Трубарево?

Бараме целосна одговорност од сопствениците, како и ажурност и транспарентност од надлежните инспекторати.

Ние граѓаните имаме право на чист воздух и здрава животна средина согласно Член 43 од Уставот на РМ.

Оваа хаварија не смее да се заташка и да остане без институционална завршница и кривична одговорност“, додаваат од „Зелен Хуман Град“.