Скопје ЗОО склучи Меморандум за соработка со сите 11 стручни средни училишта во Скопје: Природата, животните и емпатијата кај младите во фокусот
Скопската зоолошка градина информираше дека склучиле Меморандум за соработка со сите 11 стручни средни училишта на Град Скопје.
„Оваа соработка отвора ново поглавје во кое образованието, практичната работа, креативноста и грижата за природата ќе се спојат на едно место. Заедно, со поддршка на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и градот Скопје ќе работиме на нови проекти и активности кои ќе придонесат за развој и унапредување на ЗОО Скопје, а учениците ќе добијат можност своето знаење, талент и вештини да ги покажат во пракса и да бидат дел од вистински, значајни проекти“, велат од Скопје ЗОО.
Оттаму наведуваат дека нивната заедничка цел е да создаваат навики за чиста и зелена животна средина, да придонесат за подобрување на благосостојбата на животните и кај младите генерации да ја негуваат емпатијата, одговорноста и љубовта кон животните и природата.
„Веруваме дека токму преку младите, нивните идеи, енергија и знаење можеме заедно да создадеме подобра ЗОО Скопје“, нагласија од Скопје ЗОО.