Просечната плата во Хрватска достигна 1.540 евра


Просечната месечна нето плата во Хрватска во јули 2026 година изнесувала 1.540 евра, покажуваат најновите податоци на Централниот завод за статистика. Во однос на јуни, нето-платата е номинално пониска за еден процент, додека реалното намалување, пресметано според инфлацијата, изнесува 0,8 проценти.

На годишно ниво, просечната нето-плата бележи раст. Во споредба со јули минатата година, таа е номинално повисока за 7,2 проценти, а реално за 3,2 проценти.

Највисоките просечни нето-примања се исплатени во секторот за воздушен транспорт, каде што просечната плата достигнала 2.398 евра. Од друга страна, најниска просечна нето-плата е регистрирана во производството на облека и изнесува 1.005 евра.

Просечната месечна бруто-плата во јули изнесувала 2.164 евра. Во споредба со претходниот месец, таа е номинално пониска за 0,9 проценти, односно реално за 0,7 проценти.

Во однос на истиот период лани, просечната бруто-плата е повисока за 8,2 проценти номинално и за 4,1 процент реално.

И кај бруто-платите највисоки примања се забележани во воздушниот транспорт, каде што просекот достигнал 3.514 евра, додека најниската бруто-плата од 1.344 евра е исплатена во секторот за производство на облека.