Истражување: Возењето велосипед до работното место може да ја подобри економската состојба на државата


Фото: Б. Грданоски

Возењето велосипед до работното место може да придонесе за подобро физичко и ментално здравје на вработените, да го намали бројот на отсуства од работа, но и да ги намали трошоците за социјално осигурување. Истражување покажало дека и ризикот од смрт се намалува за околу 10 отсто кај луѓето кои возат велосипед 100 минути неделно.

Според Кевин Жан, истражувач и специјалист за здравствените ефекти од климатските промени, и кога ќе се земе предвид загадувањето на воздухот и ризикот од падови, резултатот и понатаму е позитивен.

– Физичката активност придонесува за намалување на ризикот од кардиоваскуларни заболувања, хипертензија, скршеници, дијабетес тип 2, рак, депресија и анксиозност. Истовремено, таа го подобрува сонот, когнитивните функции, здравјето на коските и мускулите, како и менталното здравје, вели Жан.

„Доколку 25 отсто од кратките патувања со автомобил, пократки од пет километри, се заменат со возење велосипед, би можеле да се избегнат околу 2.000 смртни случаи годишно“, се наведува во студија.

Друга пак, спроведена во 2010 година на околу 1.000 холанѓани, покажала дека бројот на отсуства од работа бил намален за 15 отсто. Додека пак, студијата спроведена на 28.000 вработени во Финска, од 2019 до 2022 година, покажала дека отсуствата од работа се намалиле за осум до 12 отсто кај оние кои со велосипед поминувале најмалку 60 километри неделно, а пак, боледувањата биле намалени за 18 отсто.

Истражувањето во Велика Британија во 2016 година спроведено на 800 лица, покажало дека велосипедистите во просек имале еден ден помалку отсуство од работа годишно, при што било забележано и подобрување на нивното ментално здравје.

Сè почестите отсуства од работа влијаеле и врз француската економија, што според анализата на економистот и професор Лоран Капелети, тоа изнесува над 100 милијарди евра годишно или околу три отсто од бруто домашниот производ. По ова, дел од работодавачите вовеле мерки со кои ги поттикнуваат вработените со велосипед.