Крадци пустошеле низ Боговиње – однеле и сеф тежок 400 кг
Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против четири лица осомничени за продолжено кривично дело – тешка кражба.
Според обвинителството, осомничените во периодот од април до септември годинава извршиле серија кражби во повеќе села на подрачјето на Општина Боговиње. Тие, како што е наведено, провалиле во повеќе од 10 куќи, од каде што одзеле пари, златен накит и различни видови огнено оружје за кое сопствениците поседувале дозволи.
При една од кражбите, во селото Палчиште, осомничените успеале да изнесат и сеф тежок околу 400 килограми.
Вкупната вредност на украдените предмети, според досегашните проценки, изнесува околу 15 милиони денари.
Од обвинителството информираат дека јавниот обвинител интензивно работи на обезбедување докази за сите пријавени настани.
По предлог на обвинителството, на двајца од осомничените им е определен краткотраен притвор во траење од 48 часа, односно до целосно обезбедување на доказите. По останатите двајца се трага, а определениот притвор ќе започне да се смета од моментот на нивното пронаоѓање и лишување од слобода.