Хуманитарен настан со Братислав Димитров во „Бифе Тафталиџе“ за поддршка на Здружението за мускулна дистрофија
Хуманитарен настан за поддршка на „Мускулна дистрофија асоцијација – Македонија“ (МДА-Македонија) ќе се одржи денеска во 11 часот во „Бифе Тафталиџе“ во Скопје, каде посетителите ќе можат да добијат примерок од најновата книга на драмскиот писател и колумнист Братислав Димитров, „Дремка за двајца“, а средствата од донациите ќе бидат наменети за здружението.
Како што соопштуваат организаторите, книгата ќе ја потпишува самиот автор, а собраните средства ќе се донираат директно во кутија поставена од претставници на МДА-Македонија, кои ќе присуствуваат на настанот.
Димитров, најавувајќи ја иницијативата на социјалните мрежи, порача дека секој чин на солидарност може да направи разлика.
– Светот може да биде одлично место за живеење и уживање. За почеток, доволно е да престанеме да бидеме лоши. Наше е само она што им го даваме на другите. Тоа што за тебе е малку, за некого е богатство – наведува Димитров.
Сопственикот на „Бифе Тафталиџе“ Саша Шотаровски, кој и претходно бил дел од повеќе хуманитарни активности, ги повика граѓаните да се приклучат на настанот.
– Бато слуша еден разговор у Бифе кај што праиме муабет како да се помогне на едно здружение. Абе ја имам само бркови и едно 100 книги од последната „Дремка за двајца“. Бркоите ми се од ’71 и не ги давам, ама книгиве бујрум. Така и ќе биде. В недела, на 20.9., во 11 часот, Братислав Димитров ја потпишува својата книга, а вие во присуство на преставници на здружението „Мускулна дистрофија асоцијација – Македонија“, парите ќе ги ставате во нивната кутија. Ќе имате и прилика да помуабетите и да се уверите дека е подобар човек него писател – напиша Шотаровски на својот фејсбук-профил, повикувајќи ги сите хумани луѓе на држба.
Настанот ќе го модерира Татјана Димовска-Атанасова од „Арс Ламина“, а организаторите најавуваат музичка програма и изненадувања за посетителите.
МДА-Македонија е здружение основано во 2019 година од родители на деца заболени од мускулна дистрофија, со цел да се подобрат условите за живот, негата и инклузијата на лицата што живеат со оваа ретка болест.
„Дремка за двајца“ е шеста книга со колумни на Братислав Димитров, кој досега има објавено и повеќе драмски текстови, детски пиеси и театарски дела.