Врховниот суд образложи зошто е укината пресудата на Апелација за Ласкарци: Немало образложение како дејствијата на секој од осудените придонеле за трагедијата
Врховниот суд го објави образложението на одлуката зошто беа уважени барањата на осудените и беше укината пресудата на Апелациониот суд за автобуската несреќа на автобусот на „Дурмо турс“ кај Ласкарци, каде загинаа 16 патници.
Како што се наведува во образложението, Апелациониот суд не одговорил на сите клучни жалбени наводи и не дал конкретно образложение како дејствијата на осудените се поврзани со несреќата и врз основа на кои докази е утврдена нивната кривична одговорност, иако Апелација им ги зголеми речиси двојно затворските казни.
Вештачењата укажале на пропуст на возачот и неисправност на автобусот, но судот не објаснил во која мера неисправноста влијаела на несреќата, ниту како дејствијата на останатите осудени, меѓу кои сопственикот на „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули, осуден на 10 години затвор, придонеле за неа.
„Ваквиот заклучок на овој суд произлегува од спроведените вештачења и супервештачењето, во кои како причина за сообраќајната незгода се посочува пропустот на осудениот М.Т. (Маноил Трифуновски, возачот на автобусот кој е осуден на 14 години затвор), притоа нотирајќи ја и неуредната техничка состојба на автобусот, без да се посочи во која мера влијаела таквата неисправност и како таа се одразила во причинување на предметната незгода. Ова дотолку повеќе што од спроведените вештачења произлегува дека нема траги на кочење, кое пак било неизбежно во која било ситуација на кочење, независно од капацитетот, односно ефикасноста на системот за сопирање. Судот исто така пропуштил да даде конкретно образложение на поврзаност на дејствијата на останатите осудени со случување на сообраќајната незгода. Од спроведените вештачења јасно произлегува дека сообраќајната ситуација настанала со насочување на автобусот кон лево, по кое следело напуштање на средната сообраќајна лента и дека според растојанието и времето, возачот немал техничка можност со сопирање да го избегне контактот со првата еластична метална ограда – се вели во образложението на одлуката“, се вели во образложението на највисокиот суд во земјата.
Според нив, не биле доволно разгледани приговорите за начинот на водење на постапката, а како пример се наведува барањето на возачот за супервештачење за неговата здравствена состојба. Врховниот суд смета дека Апелацискиот суд требал да утврди дали такво супервештачење било неопходно, особено ако постоеле спротивставени вештачења. Првостепената пресуда имала претежно дескриптивен пристап, а Апелација не ги отстранила тие недостатоци.
Според Врховниот суд, Основниот суд главно презентирал извадоци од доказите, без доволно да ги образложи причините за своите заклучоци, а Апелација, наместо да ги адресира тие недостатоци, дала само воопштени одговори на суштествените прашања за кривичната одговорност.
„Второстепениот суд недоволно ги ценел и наводите кои се однесуваат на начинот на водењето на кривичната постапка, како што е наводот на осудениот М.Т. за неспроведување на супер вештачењето за неговата здравствена состојба, и други наводи истакнати во жалбите на осудените. При испитување на ваквите жалбени наводи потребно било да се утврди неопходноста од спроведување на супер вештачење, ценејќи го фактот дали станува збор за спротивставени вештачења поднесени од спротивните странки, кое би било независно и би дало одговор за конкретната работа која е предмет на вештачењето, како би можел судот врз основа на така изготвените вештачења правилно да ги утврди сите значајни факти“, се вели, меѓу другото во образложението на Врховниот суд.
Освен тоа, во него пишува дека првостепената пресуда имала претежно дескриптивен пристап, а Апелациониот суд не ги отстранил тие недостатоци. Според Врховен, Основниот суд главно презентирал извадоци од доказите, без доволно да ги образложи причините за своите заклучоци. Апелација, наместо да ги адресира тие недостатоци, дала само воопштени одговори на суштествените прашања за кривичната одговорност.
Од Апелацискиот суд, како што извести „Слободен печат“, кратко велат дека предметот за Ласкарци е доставен до Апелација и е распределен кај судија известител, но кај друг, затоа што судијата Зоран Димитриевски што претходно беше известител беше избран за судија во Врховниот суд. Белули, кој првично беше осуден на четири години, па казната му беше зголемена на 10 години, сè уште е во Идризово, а шефот на возниот парк, Ремзи Мифтари уште е во бегство.