Западен Балкан е регион со растечки економски потенцијал, вели претставничката на германското стопанство во Македонија
Актуелните геополитички кризи повторно ни покажуваат колку можат да бидат ранливи глобалните синџири на снабдување. Состојбите на Блискиот Исток и неизвесностите долж важните трговски и транспортни рути укажуваат на сè поголемата важност на диверзификацијата, поотпорни синџири на снабдување и сигурни економски партнери во непосредна географска близина на Европа, вели Антје Ванделт, Повереник на германското стопанство, задолжена за Северна Македонија, Албанија и Косово.
Во овој контекст, вели таа, Западен Балкан сè повеќе добива место во европските економски стратегии и тоа со добра причина. Регионот одамна е многу повеќе од пазар со ниски трошоци. Тој веќе е тесно интегриран во европските синџири на снабдување и располага со знаења, капацитети и компетенции кои стануваат сè поважни за конкурентноста и отпорноста на европската економија.
Во својата порака испратена преку електронска пошта, Ванделт посочува дека токму затоа, при моето неодамнешно учество на Westbalkan-Salon во Сојузното Министерство за надворешни работи во Берлин, во фокусот беше едно прашање: Кои се силните страни на Западен Балкан кои можеби сè уште не ги препознаваме доволно во Германија и Европа?
„Одговорот на ова прашање е мошне широк. Регионот располага со специјализирано индустриско производство и инженеринг, силна автомобилска индустрија и мрежа на добавувачи, динамичен ИТ сектор, развиени бизнис услуги, иновативни финтек решенија, фармацевтска и прехранбена индустрија, кои сè повеќе се придвижува кон зелената економија и циркуларните модели на производство“, вели таа.
Според Ванделт, потенцијалот на регионот не лежи нужно во неговата големина, туку во неговата специјализација, флексибилност и близина до европските пазари.
Токму оваа близина денес добива ново стратешко значење. Додека во Германија се водат дискусии за поотпорни синџири на снабдување, диверзификација и приближување на производството до европските пазари, вреди да се погледне и кон непосредното соседство.
Западен Балкан не е на периферија на Европа. Во економска смисла, регионот во многу области одамна е дел од европскиот економски простор, кој е со кратки транспортни рути, тесна деловна поврзаност и силна извозна ориентација.
Колку е динамична оваа соработка покажуваат и настаните што следуваат во наредните недели. На Германско-Косовскиот економски форум во Приштина ќе се сретнат компании, носители на одлуки и институции од Германија и Косово. Економскиот самит во рамките на Берлинскиот процес во Будва повторно ќе собере високи претставници од бизнис секторот, политиката и меѓународните организации. А Tirana International Fair, еден од најзначајните економски и индустриски саеми во регионот, ќе им понуди на компаниите можност да ги претстават своите иновации, да воспостават нови контакти и да освојат нови пазари.
„За нас како АХК Северна Македонија, тоа значи дополнително зајакнување на економските врски меѓу Северна Македонија, Косово и Албанија со Германија. Нашата цел е да ги поврзуваме компаниите, да ги истакнуваме новите потенцијали и да придонесеме економската близина да се претвора во конкретни деловни партнерства“, вели Ванделт.
Економската интеграција на Западен Балкан во Европа во многу области веќе е реалност. Затоа, сега е важно уште подобро да ги препознаеме постоечките потенцијали и да создадеме услови тие да се искористат во целост.
Прашањето што се наметнува е: Во кои области Западен Балкан во иднина може да стане стратешки партнер за конкурентноста на германската економија, вели Ванделт во својата порака.