Мицотакис очекува тешка зима
За жал, како резултат и на руско-украинската војна, но и на воените операции на Блискиот Исток, беа погодени голем број рафинерии, по што цените на нафтените деривати, особено на дизелот, се зголемија уште повеќе во однос на цената на суровината. Ова, секако, создава големи нарушувања на пазарот, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на средбата со претседателот на Грција Константинос Тасулас и посочи дека „нè очекува тешка зима во услови на досега невидени геополитички турбуленции“, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис рече дека приоритет за Владата е нафтата за греење и поддршката на домаќинствата, особено во деловите од земјата, каде што потребите се поголеми, а потсети дека синоќа во интервју за државната телевизија ЕРТ, рече дека Владата разгледува мерки за цената на нафтата за грејната сезона што почнува на 15 октомври, да не биде повисока од цената на крајот од ланската сезона, кога изнесуваше околу 1,75 евра за литар.
На средбата со Тасулас објасни дека „ќе има двојна интервенција“, односно субвенција по литар и од државата и од рафинериите, а надлежните министерства мерките ќе ги прецизираат и презентираат на почетокот на следната седмица.
– Целта е, како што реков вчера, цената да биде пониска од цената со која се затвори грејната сезона во април, но истовремено да има и хоризонтално зголемување на додатокот за греење, што е и алатката што ја имаме токму за да можеме да ги ублажиме географските нееднаквости. Бидејќи, како што знаете, поголем додаток за греење добиваат нашите сограѓани кои живеат во северна Грција. Значи, ќе има двојна интервенција за да можеме до одреден степен да им олесниме на граѓаните во однос на проблемот поврзан со греењето. Се стремиме на некој начин да можеме да продолжиме и со поддршката за дизелот, рече Мицотакис.
Во однос на специјалниот данок на потрошувачка на нафтените деривати, објасни дека во овој момент не постои можност за намалување „без да скратиме некој друг расход или да зголемиме некој друг данок“ и додаде дека ова би можело да стане изводливо само доколку на ниво на цела Европа се воведе исклучок за привремено намалување на даноците на фосилните горива.
– Лично ќе го покренам ова прашање на Европскиот совет. Не можам однапред да кажам дали оваа стратегија ќе биде успешна, но верувам дека и моите колеги, како и Европската комисија, ќе го препознаат фактот дека, колку и да е важна зелената транзиција во која инвестираме, исто толку важно е да ги поддржиме и нашите домаќинства соочени со криза која е целосно предизвикана од надворешни фактори. Секако, сакаме Европа постепено да се ослободи од зависноста од увезената нафта и да имаме повеќе обновливи извори на енергија, тоа го правиме во Грција и сме протагонисти, но очигледно е дека тоа не може да се направи за три месеци, рече Мицотакис.
Грчкиот претседател изрази уверување дека најавените владини мерки за цената на нафтата за греење ќе бидат олеснување за граѓаните, но и надеж дека Европејците ќе бидат убедени да се направи исклучок во однос на специјалниот данок.
– Мислам дека се движите во правилна насока. И колку повеќе се обидувате да ги ублажите последиците од општата нестабилност, толку полесно народот ќе ги надмине тешкотиите во текот на зимата. Интересно е да размислуваме како влијаат врз нашето секојдневие работи за кои мислиме дека се далечни, посочи Тасулас.