Нова вонредна дератизација в понеделник во Општина Центар, по појавата на стаорци во Буњаковец
Нова вонредна дератизација ќе биде спроведена во општина Центар в понеделник, откако претходната беше спроведена пред само еден месец.
Сепак, денеска, на социјалните медиуми се појави информација дека во Буњаковец се забележани стаорци по улиците, па Општина Центар реши да направи уште една вонредна дератизација.
Општина Центар информира дека редовно врши дератизација и дезинсекција на подрачјето на целата општина, со цел заштита на здравјето на граѓаните и превенција од заразни болести.
-Од почетокот на годината Општината спроведе редовна пролетна дератизација на целата своја територија, како и две вонредни акции на локации каде што беше забележано зголемено присуство на глодари. Новата вонредна дератизација ќе се спроведе во понеделник, а од октомври ќе следува и редовната есенска дератизација – се вели во соопштението.

Градоначалникот Горан Герасимовски, се вели во соопштението, истакнува дека општинските служби континуирано ја следат состојбата и реагираат таму каде што има потреба, но дека проблемот не може да се реши само со дератизација.
-Последната вонредна дератизација ја спроведовме пред само еден месец, а во понеделник повторно излегуваме на терен. Редовно преземаме мерки, но мора да се отстранат и причините што создаваат услови за појава на глодари. Нередовното чистење на контејнерите и натрупувањето отпад се сериозен проблем. Граѓаните мора редовно да ги одржуваат дворовите, подрумите и заедничките простории во станбените објекти и да не оставаат отпад на несоодветни места. Само со заедничка грижа можеме да имаме чист и безбеден Центар – изјавил Герасимовски.
При дератизацијата се третираат шахти, простори околу контејнерите и други ризични точки каде што е забележано или пријавено зголемено присуство на глодари.
-Општина Центар продолжува со засилено следење на состојбата на терен – се додава во соопштението.