(Видео) Полицијата ја откри и ја казни жената која фрлаше отпадоци во Лепенец, доволно ли е?


Порталот „Курир“ утрово објави видео на кое се гледа жена како излегува од автомобил „порше“ и фрла отпад од мост.

Според локацијата што може да се препознае на снимката, станува збор за мостот над реката Лепенец, во близина на Канал 5 Телевизија. Токму во овој дел Лепенец се влева во Вардар.

Полицијата ја откри и ја санкционира жената која беше снимена како фрла отпад во реката Лепенец во Скопје.

– Денеска (17.09.2026) во 11:45 часот, во Полициската станица од општа надлежност Карпош е повикана М.И.Б.(38) од Скопје, во врска со претходно објавени видеоснимки на социјалните мрежи на кои се гледа како непознато женско лице со патничко моторно возило „порше“, на улица „Скупи“, кај мостот на реката Лепенец, фрла отпадоци во реката. По преземените мерки и активности, утврден е идентитетот на лицето, кое е повикано во полициската станица и со него е извршен службен разговор, соопшти МВР.

По документирање на случајот, на М:И.Б. и е изготвен платен налог согласно член 14 став 1 од Законот за јавна чистота, поради фрлање амбалажа надвор од места определени за таа намена, како и записник со платен налог согласно член 63 став 6 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, поради непрописно паркирано патничко моторно возило на коловозна лента.

 

Но, откако ќе заврши полициската постапка, останува прашањето дали казната е доволно сериозна за да спречи истото однесување да се повтори? Според некои пресметки, аако таа ја плати веднаш таа казна не е повисока од 50 евра, а ако ја плати подоцна, едвај достигнува до 100 евра.

Граѓаните се гневни и на социјалните мрежи предлагаат измени на Законот за јавна чистота и на Законот за управување со отпад, каде глобите за вакви недела би се предвидело да се многу повисоки, а дополнително да се одреди и општокорисна работа, во траење од најмалку еден месец.