Складирањето енергија, водородот и геотермалниот потенцијал отвораат простор за соработка со австриски компании, вели Божиновска


Батериите, складирањето, водородот и расположливиот геотермален потенцијал, се трите клучни сегменти од енергетиката во кои Македонија може да ја интензивира соработката со австриските компании, оцени денеска ресорната министерка Сања Божиновска на бизнис форумот во Стопанската комора.

Како што истакна Божиновска, на земјава и требаат инвестиции во инфраструктурата, посебно изградба на далекуводи.

Таа ги информира австриските стопанственици што е реализирано изминатите две години во македонскиот енергетски сектор и потенцира дека Министерството им стои на располагање доколку се заинтересирани за какви било проекти.

-Работиме на сите полиња од енергетиката. Со сите австриски фирми имаме добра соработка, таа само треба да се продолжи и зајакне. Постои платформа „Just Transition“ на која се претставени сите проекти во енергетиката во Македонија. Можете да видите за што се работи. Инвестициите се транспарентни, ги имаме ставено на нашата веб-страница, меѓутоа ако сакате, тука сме секогаш за сите австриски инвеститори, може да ни се јавите и да продискутираме за плановите. Имаме гасни и проекти во инфраструктурата, во обновливи извори. Првпат со помош од ЕУ имаме и студија за водород. Знаеме дека во Австрија има успешни приказни и студии, дека можеме да научиме, зашто го немаме во Македонија, така што тука може да се соработува. Значи, батериите и складирањето, но и кај водородот. Направивме стратегија за минералните суровини во следните 20 години. Имаше заинтересирани за геотермалниот потенцијал кој е се уште доста неискористен, па еве, може австриски компании да размислат за тоа истакна Божиновска.

Се осврна и на гасниот интерконектор со Грција, како и на поврзувањето со Србија.

-Многу проекти беа закочени, не функционираа досега, како, на пример, гасот. Ќе се поврземе со Република Грција, се гради интерконекторот, го очекуваме следната година во јуни и ќе почнеме со поврзување со Република Србија. Веќе 30 години сме само поврзани со Република Бугарија, сега ќе бидеме поврзани и од Република Грција, ќе бидеме алтернатива и ќе снабдуваме. Низ Македонија ќе минува тој гас. Во однос на обновливите извори, имаме 52 отсто спроведена инсталирана моќност што и за Европа е одлична бројка, бидејќи сме над 50 проценти. Тоа се таргетите за 2030-та, а ние веќе ги имаме исполнето, а во 2025-та година 46 проценти од целата произведена електрична енергија беа од обновливи. Пред неколку години имавме само седум отсто, а сега сме стигнати до 58 проценти, рече министерката.

Прв пат, дополни, го почнавме и спојувањето со Република Албанија.

-Министерството е основано во јуни 2024 година, постои две години. Во овој период ја направивме регулативата, ги донесовме потребните закони кои за сите инвеститори се многу важни, зашто секој инвеститор треба да знае каде инвестира. Ги направивме и потребните законски измени. Донесовме Закон за енергетика и Закон за обновливи извори. Сега имаме интерес од над 4.000 мегавати за оваа година во обновливи извори. Сите заедно придонесуваме во декарбонизацијата. Првпат ги дефиниравме батериите, системот за складирање што е интересно за многу австриски компании и веќе имаме интерес од 2.000 мегавати за оваа година. За следната година исто така имаме интерес, информира Божиновска на бизнис форумот.