Кокев слави 20 години мода со ревија и црвен килим на Камениот мост во Скопје
На 26 септември (сабота), Камениот мост ќе стане сцена на мода, музика и спектакл, во вечерта со која познатото модно студио Кокев одбележува две децении од своето постоење.
По повод јубилејот, Кокев подготвува сосема нова колекција и ексклузивна ревија на една од најпрепознатливите локации во Скопје. Модата, архитектурата, музиката и сценскиот перформанс ќе се спојат во уникатна вечер на црвен тепих.
Вечерта започнува со Red carpet & Welcome drink во 19:30 часот, додека ревијата ќе започне во 21 часот, на самиот Камен мост.

Колекцијата е инспирирана од три моќни и раскошни суштества – лебедот, паунот и рисот, како симболи на убавина, велелепност и моќ. Тие се и своевидна референца кон препознатливата естетика на Кокев – доследност, издржливост и верност кон сопствениот визуелен потпис.
Инспирацијата доаѓа и од стариот Камен мост, вечниот симбол на Скопје. Неговата архитектура и историја стануваат составен дел од концептот на ревијата, создавајќи врска меѓу современата мода и духот на градот.
Честа да го отвори настанот ќе ја има актерот Никола Ристановски, додека музичкиот дел за време на ревијата ќе го предводи диџеј Соња Исмаил.
По ревијата, прославата продолжува со after party со диџеј Славе.