Без квалитетен Работнички нема квалитетна македонска кошарка


Кошаркарскиот клуб Работнички годинава прославува јубилеј – 80 години постоење. Токму оваа година новата клупска управа очекува клубот да се врати на успешните патеки, кои ги имаше во минатото. Од новата клупска управа напомнаа дека голем дел од проблемите се надминати, а тие што се присутни ќе се решаваат тековно.

–  Голема благодарност на сите легенди кои биле дел од Работнички и кои се заслужни за бројни трофеи со овој клуб. Клубот лани имаше исклучително тешка сезона кога се бореше за опстанок, но тоа е веќе минато и новата управа има јасна цел како да продолжи понатаму, изјави претседателот на УО на Работнички, Александар Стојкоски на прес конференцијата.

Покрај работата на терен, клубот организациски ја добива и потребната оператива, а долговите се намалени, потенцираше извршниот директор на КК Работнички Бранко Радевски.

–   За кратко време надминавме голем дел од пречките. Направени се чекори и за нашата младинска школа. Со квалитетен Работнички и македонската кошарка има квалитет повеќе. На добар МЗТ му треба силен Работнички, истакна Радевски кој воедно и се заблагодари на советниците на општина Центар.

Ростерот на првиот тим е веќе составен, а тренерот Владимир Мирковски потенцираше:

–   Го задржавме костурот од минатата сезона, донесовме неколку квалитетни засилувања, закажавме девет контролни средби. Атмосферата во тимот е на едно високо ниво, се работи за големи професионалци. Целта ни е да бидеме во ТОП 4, а потоа и да избориме учество во финалето.

Од управата на Работнички потенцираа дека во рамки на прославата ќе биде одигран и пријателски натпревар со КК Војводина од Нови Сад.